Несоодветни содржини од изминатиов викенд се објавуваат на oфицијалната Фејсбук страница на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ).
Во петокот, на профилот на УКИМ на оваа социјална мрежа, најпрво во живо, три часа, се пренесуваше видео-играта „League of Legends“ со наслов „Здраво на сите“ на англиски јазик, видео кое подоцна беше отстрането, по што продолжија објавите на смешни и необични видео инсерти.
„Стрижењето придонесува за целокупното здравје на овците“, „Млада девојка со одлични вештини за поставување плочки“, „Жената која секој маж ја посакува“ се дел од насловите на објавените видеа. Во текот на изминативе два дена се објавени десетина вакви видеа, проследени со измешани реакции и коментари од страна на студентите.
„Дали е ова нормално со последните десетина постови на страницата на УКИМ? Дали е страница на универзитет или за забава?“
„Која е поентата вакви видеа да се објавуваат на официјалната страна на УКИМ?!“, се дел од коментарите под објавените видеа.
Според видот на содржините, студентите во коментари искажаа и сомнежи дека Фејсбук страницата е хакирана. Последната официјална објава од УКИМ датира од 3 јуни, кога е споделено известување за Интернационален стартап натпревар.
Редакцијата на „Мета.мк“ упати прашања до Управата на универзитетот во обид да добие повеќе информации за тоа дали навистина станува збор за хакерско преземање на профилот на универзитетот и дали во ваков случај се погодени и други канали за комуникација.
Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, потврди дека се работи за хакерски упад, но засега е непознато кој стои позади преземениот профил на УКИМ.
„Профилот е хакиран и од наша страна презедовме сè што можеше да се преземе. Го известивме Министерството за внатрешни работи, а известување испративме и до Фејсбук“, рече Јанкуловски.
Тој додаде дека хакерскиот упад се однесува само на Фејсбук страницата на универзитетот и дека не се погодени други канали за комуникација.