Фото: МТСП и Кабинет на вицепремиерот Груби

Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска се вакцинираа против ковид-19. Груби се вакцинираше во вакциналниот пункт во поликлиниката Чаир, додека Шахпаска ја прими првата доза на вакцина на вакциналниот пункт во спортската сала „Борис Трајковски“.

Шахпаска во изјава за медиумите посочи дека граѓанска должност е сите да пристапиме кон процесот на вакцинација, за што побрзо да излеземе од пандемијата и се вратиме на нашите секојдневни обврски.

„Штотуку ја примив првата вакцина против ковид-19. Наша граѓанска должност е сите како граѓани да пристапиме кон процесот на вакцинирање. На тој начин секој од нас стекнува специфичен имунитет против корона вирусот. Доколку голем број на граѓани, доколку сите ние се вакцинираме, тогаш и колективниот имунитет ќе биде поголем,“ изјави Шахпаска.

Таа посочи дека сите вакцини се проверени и квалитетни и ги повика граѓаните да се вакцинираат.

И вицепремиерот Артан Груби по вакцинирањето во просториите на поликлиниката Чаир апелираше до сите граѓани да се пријават за вакцинација на веб-страницата на Министерството за здравство, vakcinacija.mk бидејќи само на овој начин ќе се постигне имунизација на целото наше население и во исто време ќе го поразиме овој вирус.

„Сакам да апелирам до сите граѓани кои се регистрирани на порталот vakcinacija.mk да одговорат на поканите, да се вакцинираат, додека оние кои сеуште не се регистрирани да го направат оваа затоа што трае многу кратко, само неколку минути на порталот за вакцинација и самиот процес на вакцинација е краток и апсолутно безболен и 100 отсто безбеден, затоа ве повикувам сите да се вакцинирате и да не доцниме да се вратиме на нашиот вообичаен живот“, изјави Груби.