fbpx

Грција очекува силна поддршка од Обама за намалување на грчкиот долг

-

Грчкиот долг, геостратешката улога на Грција, бегалската криза и кипарското прашање се очекува да бидат главните теми на разговорите на американскиот претседател Барак Обама со грчкиот државен врв. Обама пристигнува утре во Атина и ќе се сретне со грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос, и со премиерот Алексис Ципрас, а вечерта ќе има средба во претседателската палата, на која ќе присуствува и министерот за надворешни работи, Никос Коѕиас, но и другите лидери од грчките политички партии.

Претседателот на САД во среда можно е да го посети Акропол и ќе одржи говор од културниот центар „Ставрос Ниархос“, а потоа ќе замине за Берлин.

Обама и во интервју за весникот „Катимерини“ посочи дека продолжува да ги поддржува напорите за реформи во Грција и олеснување на грчкиот долг. Надежите на грчката влада се Обама да изрази одново силна поддршка за Грција и намалување и реструктуирање на грчкиот долг, за да се олесни финансискиот товар на грчкиот народ. Грција смета дека благодарение на интервенцијата на Обама кај германската канцеларка Ангела Меркел, Грција сè уште е дел од еврозоната.

– Мојата посета е можност да ја повторам поддршката на САД за реформи кои ќе ја подобрат инвестициската клима и кои ќе осигураат дека нема да се појават проблемите кои ја предизвикаа кризата и ќе постават темели за силно економско закрепнување. ММФ има кажано дека кратењето на долгот е клучно за грчката економија да се врати во одржлива насока. Затоа и продолжувам да апелирам до кредиторите да ги преземат сите неопходни чекори за да се осигура дека Грција ќе биде во можност да се врати во здрав економски развој, вклучувајќи ја и мерката за суштинско намалување на долгот – вели Обама за весникот „Катимерини“.

Проценките се дека Обама ќе испрати јасна порака дека е неопходно реструктуирање на долгот и дека таа порака и притисок потоа директно ќе ги пренесе и во разговорите со Меркел во Берлин. Оваа поддршка Грција смета дека ќе е клучна во пресрет на преговорите со тројката, кои од денеска во Атина ги продолжуваат средбите со грчките министри.

Спорот за името меѓу Македонија и Грција, според грчките аналитичари, не се очекува да се најде на агендата на оваа значајна средба за грчката влада. Можно е да се разговара за кипарското прашање, чие решавање Обама во интервјуто за „Катимерини“ вели дека го поддржува.

Американскиот претседател се очекува да ја поддржи Грција и да ѝ се заблагодари за начинот на кој се справува со бегалската криза, како и да ја истакне нејзината геостратешка вредност, особено поради американската воена база во Суда.

Обама во интервјуто за „Катимерини“ истакна и дека е неопходна соработка во борбата против тероризмот, ИСИС и режимот на Асад во Сирија, а забележува и дека за САД е од голема важност соработката со Грција во НАТО бидејќи и покрај финансиската криза, грчките воени сили остануваат посветени на мисијата на Алијансата.

Поради посетата на Обама, Атина е под силни безбедносни мерки. Во центарот утре и задутре строго се забранети протести и собири, а центарот ќе биде обезбеден од 5.000 полицајци и од неколку стотици американски тајни агенти. Хотелот на Обама се чува во тајност, а обезбедување ќе има и околу три луксузни хотели во јужните предградија на Атина, меѓутоа без да се посочи точно во кој ќе претстојува американскиот претседател.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...