Грета Тунберг: Различноста не е болест и науката не нуди мислења туку факти

По говорот на Самитот на ООН за климатски промени шведската активистка Грета Тунберг ги коментираше огромниот број на напади против неа кои се појавија по социјалните мрежи.

„Еве нè повторно … Како што можеби забележавте, хејтерите се активни исто како порано – зборуваат за мене, за мојот изглед, мојата облека, моето однесување и моите разлики.

Измислуваат незамисливи теории на заговор. Изгледа дека дека ќе ја поминат секоја можна граница за да го одвлечат вниманието, бидејќи толку очајно сакаат да не се зборува за климата и за еколошката криза.

Да се биде различен не е болест и сегашните научни докази не се мислења – тоа се факти“, напиша Грета на Фејсбук.

„Искрено, не разбирам зошто возрасните би одбрале да го трошат нивното време за да се потсмеваат и да им се закануваат на тинејџери и на деца затоа што ја промовираат науката, кога би можеле да оберат да направат нешто добро. Претпоставувам дека се чуствуваат под закана од нас.

Но, светот се буди. Се гледаме на улиците во петок!“, додаде таа.

Инаку, Грета уште пред осум месеци, во февруари годинава објави подолг пост на Фејсбук во кој објаснува како го започнала целото #fridaysforfuture движење и протестите кои сама ги иницираше со тоа што не одеше на училиште секој петок. Минатиот петок околу 4 милиони луѓе, главно ученици излегоа на улиците во градовите во кои живеат и протестираа барајќи од властите да преземат мерки против климатските промени.

Статусот на Грета од февруари годинава ви го пренесуваме во целост:

Деновиве слушнав многу гласини во врска со мене и почувствував многу омраза. Не сум изненадена. Затоа што поголемиот дел од луѓето не се свесни за вистинското значење на климатската криза (што е разбирливо затоа што ова никогаш не беше третирано како криза), идејата за училиштен штрајк за климата на голем дел од луѓето би им звучела чудно.

Затоа сакам да појаснам некои работи за мојот училиштен штрајк.

Во мај 2018 бев една од наградените на натпреварот за пишување на тема „околина“ што се одржа во шведскиот весник Свенска Дагбладет (Svenska Dagbladet). Мојот текст беше објавен и ме контактираа неколку лица, меѓу кои беше и Бо Торен (Bo Thorén) од Фосил Фри Далсланд (Fossil Free Dalsland). Тој предводеше некаква група на луѓе, повеќето млади, кои сакаа да преземат нешто во врска со климатската криза.

Исто така имав и неколку телефонски состаноци со други активисти. Целта беше да се креираат идеи за нови проекти кои ќе го насочат вниманието кон климатската криза. Бо имаше неколку идеи. Од маршеви до некоја идеја за училиштен штрајк (учениците да направат нешто во дворовите или во училниците). Идејава беше инспирирана од учениците од Паркланд (Parkland), кои одбиле да посетуваат настава по пукањето што се случило во училиштето.

Ми се допадна идејата за училиштен штрајк. Работев на неа и се обидов да ги натерам другите млади да ми се придружат но никој не беше заинтересиран. Тие сметаа дека шведска верзија на маршот Zero Hour ќе има поголемо влијание. Затоа продолжив сама да го планирам училишниот штрајк и повеќе не учествував во состаноците.

Кога им го кажав планот на моите родители не им се допадна. Не ја поддржуваа идејата за училиштен штрајк и ми рекоа дека доколку решам да го направам ќе мора да го направам сама, без нивна поддршка.

На 20 август седнав пред шведското собрание. Делев флаери на кои имаше долга листа факти за климатската криза и објаснувања за тоа зошто штрајкувам. Првото нешто што го сторив – објавив на Твитер и Инстаграм што правам и мојата објава наскоро се прошири. Почнаа да пристигнуваат новинари. Еден шведски претприемач и бизнисмен, активен во климатското движење, Ингмар Ренџог (Ingmar Rentzhog) беше меѓу првите кои пристигнаа. Зборуваше со мене, ме сликаше и објави на Фејсбук. Тогаш за првпат се сретнав и зборував со него. Никогаш претходно се немаме видено или пак зборувано.

Многу луѓе сакаат да шират гласини дека „има луѓе што ми го чуваат грбот“ или дека ми „плаќаат“ или ме „користат“ за тоа што го правам. Но никој не ми го „чува грбот“ освен јас самата. Моите родители беа далеку од активисти пред јас да им ги отворам очите за ситуацијата. Не сум дел од организација. Понекогаш ги поддржувам и соработувам со неколку невладини организации што се занимаваат со климата и со животната средина. Но јас сум целосно независна и се претставувам единствено себеси. Го правам тоа што го правам бесплатно, не сум добила никакви пари или пак ветувања за идни исплати во каква било форма. Никој не се поврза со мене, ниту моето семејство се поврза со некој.

Секако, ова ќе остане вака. Не сум сретнала ниту еден климатски активист кој се бори за климата за пари. Таа идеја е целосно апсурдна. Исто така патувам само со дозвола од училиште, а моите родители ги плаќаат авионските билети и сместувањето.

Моето семејство има напишано книга. Во книгата се работи за нашето семејство и за тоа како јас и сестра ми Беата (Beata) влијаевме врз нашите родители и врз нивниот начин на согледување на светот, особено во врска со климата. Исто така се работи и за нашата дијагноза. Книгата требаше да биде објавена во мај но бидејќи имаше големо несогласување со издавачката куќа, моравме да ја смениме и поради тоа книгата беше издадена во август. Пред да се издаде моите родители објаснија дека можниот профит од книгата “Scener ur hjärtat” ќе биде распределен на 8 различни хуманитарни организации што се занимаваат со животната средина, деца со дијагнози и правата на животните.

И да, сама си ги пишувам говорите. Но бидејќи знам дека тоа што ќе го кажам ќе го слушнат многу, многу луѓе, честопати барам придонес од други. Исто така често барам помош од неколку научници за тоа како да објаснам одредени сложени теми. Сакам сѐ да биде апсолутно точно за да не ширам погрешни факти или нешта што може да бидат погрешно сфатени.

Некои луѓе ме исмејуваат поради мојата дијагноза. Но Аспергеровиот синдром не е болест, туку е дарба. Луѓето исто така велат дека затоа што имам Аспергеров синдром, не е возможно да сум се ставила во оваа ситуација. Но токму заради тоа и го направив. Затоа што ако бев „нормална“ и социјална, ќе станев дел од некоја организација или ќе основав моја. Но бидејќи не сум толку добра во процесот на социјализирање го сторив ова. Бев толку исфрустрирана што ништо не се презема во врска со климатската криза и чувствував дека јас треба да сторам нешто, што било. А понекогаш кога НЕ правиме работи – како на пример само седење пред собранието – кажуваме многу повеќе отколку кога правиме. Исто како што понекогаш шепотењето е погласно од викањето.

Исто така има една жалба дека „звучам и пишувам како возрасна“. На тоа можам само да одговорам: зарем не мислите дека едно шеснаесетгодишно девојче може да зборува за себе? Постојат и луѓе кои велат дека многу ги поедноставувам нештата. На пример кога велам дека „климатската криза е проблем чие решение е црно или бело“ или „мора да престанеме да емитуваме стакленички гасови“ и „сакам да паничите“. Но тоа го велам само затоа што е вистина. Да, климатската криза е најкомплексниот проблем со кој што некогаш сме се соочиле и ќе треба да направиме сѐ што е во наши раце за да „го сопреме“. Но решението е црно или бело – мораме да престанеме со емисијата на стакленички гасови.

Затоа што или ќе го ограничиме затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови или нема. Или ќе достигнеме еден врв со кој ќе предизвикаме верижна реакција на настани што се надвор од човекова контрола или нема. Или ќе продолжиме да постоиме како цивилизација или нема. Не постојат сиви области кога станува збор за преживување. И кога велам дека сакам да паничите, велам дека треба да ја третираме кризата како криза. Кога ви гори куќата не си седите со скрстени раце и не зборувате колку убаво ќе ја изградите откако целата ќе изгори. Кога ви гори куќата бегате и погледнувате дали се сите надвор од неа додека се јавувате на пожарна. Потребен е одреден степен на паника.

Постои уште еден аргумент околу кој не можам да преземам ништо. Тоа е фактот дека јас сум „само едно дете, а на децата не треба да им обрнуваме внимание “. Но ова лесно може да се поправи – само почнете да обрнувате внимание на цврстите факти што ги нуди науката. Затоа што доколку сите им обрнувавме внимание на научниците и на фактите кои постојано ги повторувам –  тогаш никој немаше да мора да ме слуша мене или кое било од стотиците илјади ученици низ светот што штрајкуваат за климата. Тогаш сите ќе може да се вратиме во училиште.

Јас само ја пренесувам пораката, а сепак има толку многу омраза кон мене. Не кажувам ништо ново, само го повторувам она што научниците го кажуваат со децении. И се согласувам со вас, многу сум мала за ова. Ние децата не би требало да го правиме ова. Но бидејќи речиси никој не прави ништо, а иднината ни е во опасност, чувствуваме дека треба да продолжиме.

Доколку имате уште некоја грижа или сомнеж во врска со мене, слушнете го мојот TED говор во кој зборувам како се роди мојот интерес за климата и животната средина.

Ви благодарам на сите за поддршката! Ми носи надеж.

Грета

P.S: Краток период бев младински советник во oдборот на непрофитната организација „We don’t have time “. Тие го употребиле моето име како дел од друга гранка на нивната организација што е start-up бизнис. Јасно признаа дека го сториле ова без мое знаење и без знаење на некој од моето семејство. Ниту јас, ниту некој од моето семејство, повеќе немаме врска со „We don’t have time “. Тие длабоко се извинија и јас го прифатив извинувањето.