fbpx

Граѓанскиот сектор бара државата да сопре со легализација на дивоградбите со закони

Граѓанскиот сектор бара од парламентарниот спикер и пратениците да се повлечат законските измени, а во случај да не бидат повлечени, да не го гласаат овој штетен предлог-закон кој е ставен на дневен ред на пленарната собраниска седница закажана за 22 декември

-

Дури 21 здружение, иницијативи на граѓани и експерти бараат повлекување на измените на законот со кој се легализираат дивоградбите изградени до 31.12.2022 година, а кој по скратена постапка е предложен во Собранието на РСМ.

Граѓанскиот сектор бара од парламентарниот спикер и пратениците да се повлечат законските измени, а во случај да не бидат повлечени, да не го гласаат овој штетен предлог-закон кој е ставен на дневен ред на пленарната собраниска седница закажана за 22 декември.

Тие потсетуваат дека претседателот Стево Пендаровски во 2021 година не го потпиша усвоениот претходен закон за легализација на дивоградбите, по што истиот не се донесе во законодавниот дом.

„Сега имаме многу полоша ситуација, каде со мали измени на стариот Закон за постапување со бесправно изградени објекти се предлага да се легализираат бесправно изградени објекти до 31.12.2022 година“, стои во реакцијата на граѓанскиот сектор.

На овој начин се дозволува да се легализираат објекти во заштитени подрачја, вклучително и во границите на УНЕСКО светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, во заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, во прва и втора санитарно заштитна зона на извори на вода за пиење, во подрачја на заштитено недвижно културно наследство, во заштитни зони на аеродроми, во зони на гранични премини во радиус од 100 метри од граничната линија, во подрачја на кои со урбанистичките планови е предвидена изградба на инфраструктурни објекти и водови како и други објекти од јавен интерес утврдени со закон, во заштитен појас на државни и локални патишта, односно во заштитен појас на железничка инфраструктура.

Исто така, со предложениот закон се легализираат базени, станбени згради за колективно домување, викенд куќи, хотели, ресторани, трговски центри, рекреативни центри, индустриски, стопански и деловни објекти, хидроцентрали, објекти за производство на енергија од обновливи извори, складишта за нафтени деривати, објекти за сепарација на материјал за производство на бетон, бетонски бази, асфалтни бази, депонии на инертен, неопасен и опасен отпад, објекти за складирање, третман и/или преработка на отпад, рудници, автокампови, времени објекти, доградби, надградби, остави, гаражи и други објекти.

Законските измени предлагаат странски правни и физички лица да можат да бидат баратели, а државното земјиште на кое се легализираат бесправно изградените објекти да е предмет на откупување.

Истовремено, со овој закон се предлагаат да се запираат управните, судските и граѓанските постапки, кои се поведени или се водат за изградба на бесправните објекти што се предмет на овој закон.

„Овој закон не е во согласност со Уставот. Со овој закон се руши секаков правен поредок во државата, се рушат еклатантно две темелни вредности на уставниот поредок на РСМ: владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата“, стои во реакцијата на 21 здруженија, граѓански иницијативи и експерти.

Граѓанскиот сектор укажува дека имаат дури 13 аргументи, со кои го поткрепуваат својот став дека законските измени не треба воопшто ниту да бидат разгледани во законодавниот дом.

Како потписници на барањето се јавуваат: 02 Иницијатива, ГРИН-ОРГ-КО Кочани, Меѓународен центар за уметност и одржлив развој Арт Поинт-Гумно, ЕКО ГЕРИЛА Тетово, Институт за комуникациски студии, ЕКО-ЛОГИК, Здружение Национален ромски центар Куманово, Центар за истражување и креирање политики-ЦИКП, Го сакам Водно, Фронт 21/42, Флорозон, Зелен институт, Здрава котлина Струмица, Гоу грин, Охрид ЅОЅ, Еко долина од Ново Село, Институт за демократија „Социетас Цивилис“, Здружение за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н., Зелен хуман град, Шанса за Центар и доц.д-р Златко Илијовски, дипл. инж. геол., Директор на оддел хидрогеологија при Градежен Институт Македонија АД Скопје.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...