fbpx

Граѓаните бараат правилна распределба на помош за туѓа нега

-

Новинарското прашање за условите врз основа на кои се одлучува дали некој ќе добие додаток за нега од трето лице, го изнервира министерот за труд и социјална работа, Диме Спасов, при неговиот престој во Штип.

На министерот му беа пренесени реакциите на одбиени граѓани и на нивните семејства, според кои, комисиите одбиваат луѓе со мозочни удари, кои се неподвижни и зависат од негата на некој друг.

– Не сум медицинско лице. Има постапка, има правилници, има закон, има конзилијарно мислење од комисија со тројца специјализирани лекари кои се стручни за таа работа – изјави Спасов.

Според министерот, повеќе од 30.000 граѓани го остаруваат правото на помош за нега од трето лице, што, како што рече, е најголем број на корисници досега, за разлика од минатите години, кога просечниот број на корисници изнесувал меѓу 15.000 и 20.000.

Од друга страна, на одлуките на комисиите за туѓа нега, реагираат и родители на деца со посебни потреби.

– Жално е што одлуката за одбивање на поднесителите на барањата е од лекар поединец, вработен во Министерството за труд и социјална политика. Родител сум на дете со посебни потреби и, за жал, користам делумно или ограничена помош, иако болеста е трајна и непоправлива – реагира еден родител.

Здруженијата на родители на деца со посебни потреби или со одреден вид болести со години реагираат на начинот на одлучувањето за овој тип државна помош. Тие сметаат дека додатокот треба да следува и по навршените 18 години.

Зесега непотврдени остануваат шпекулациите, според кои, на комисиите што одлучуваат за тоа кој ќе добие помош за туѓа нега, од владините министерства им било сугерирано две третини од барањата да се одбиваат, бидејќи фондот е ограничен.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.