fbpx

„Градски паркинзи“ во Битола делат казни по 1.000 денари

-

Друштвото за посебна намена „Градски паркинзи“ во Битола како сообраќајна полиција, почнаа да ги казнуваат возачите за непрописно паркирање со казни од 1.000 денари. На возила во Битола вчера им биле ставани блокади на тркалата и опомени да си платат казни, иако се паркирале на пешачка линија, на зелена површина или на места кои не се дел од зонското паркирање. Битолчани кои биле непријатно изненедени се пожалија во локалните медиуми, зачудени што од „Градски паркинзи“ во Битола се однесуваат како да се полиција. Ваквото казнување се применува од 10 март.

За „Тера телевизија“, битолчанецот Иван Питошка вели дека автомобилот го оставил пред клиничката болница во Битола, на место каде нема обележано паркиралиште или, пак, забрана за паркирање, но кога се вратил, на автомобилот му биле блокирани тркалата.

– Луѓето од „Градски паркинзи“ кои сè уште беа на местото, ми кажаа дека казната е 1.000 денари. За да ја платам казната, ми дадоа фискална сметка на која пишува дека за изгубен билет, треба да платам казна двапати по 500 денари. Ниту сум изгубил билет, ниту ништо. Ова им е покритие –вели Питошка.

Во соопштението од „Градски паркинзи“ стои дека „во согласност со одлуката за утврдување на тарифа на цени по зони за организирање на зонското паркирање, донесена од Советот на Општина Битола на 21 јуни 2012 година, предвидено e отстранувањето на непрописно запрени или паркирани возила да се врши со поставување механичко средство за блокирање или со подигнување на возилото. Ваквата одлука стапи на сила со денот на донесување и истата беше објавена во Службениот гласник на Општина Битола. Друштвото за посебна намена „Градски паркинзи“ како организатор на паркирањето, а по предходна консултација со секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина при Општина Битола, одлучи ваквото свое овластување да го примени во практика од 10 март 2015 година“.

За „Мета“, портпаролот на Општина Битола, Наташа Поповска, вели дека се запознати со случајот и дополнително ќе се изјаснат, како и за прашањето каде ќе одат парите од казните што ги дели „Градски паркинзи“ во касата на Општината или кај концесионерот на паркинзите.

– Запрена е целата постапка до понатамошно утврдување на надлежностите –вели Поповска.

Од битолската полиција, пак, се категорични дека во согласност со Законот за безбедност во сообраќајот, никој друг освен полицијата не може да казнува за сообраќајни прекршоци.

– Во Законот, никаде не стои дека некој друг може да казнува покрај нашите надлежности. Исто така, ние од Општината досега не сме добиле никаков официјален акт дека има таков договор меѓу нив и „Градски паркинзи“ – рече портпаролот на СВР-Битола, Магдалена Димитровска за „Мета“.

Според неа, досега ниту еден од засегнатите граѓани не пријавил во полиција дека „Градски паркинзи“ бараат возачите да платат казни од 1.000 денари за непрописно паркирање и им порачува да се обратат до СВР- Битола за да се расчисти ситуацијата кој има право да казнува за сообраќајни прекршоци.

Зонското паркирање во Битола се применува веќе две години. Битолчани сè уште ги чекаат катните гаражи во строгиот центар на градот, ветени од власта.

А.Б.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Пратеници, градоначалници, фирми, граѓани – Кој колку пари донирал за кампањата на претседателските кандидати?

Некој по 500 денари, некој по 100.000 денари, а некој по 300.000 денари. Донации за кампањите за претседателските избори пристигнувале од пратеници, градоначалници, членови на партии или пак преку...