Годинава на ниво на државата запишани се 85 ученици во дуално образование

Министерката Царовска во посета на стручните училишта каде што има дуално образование / Фото: МОН

Министерката за образование и наука, Мила Царовска на денешната посета во средните стручни училишта во Велес и Кавадарци истакна дека стручното образование продолжува и во услови на пандемија како одговор на потребите на стопанството за квалитетен и добро обучен кадар, посочувајќи дека оваа учебна година дуално образование посетуваат вкупно 220 ученици. Од нив, годинава се запишани 85 ученици.

„Она кое што е недостига е меѓусебно заедничко договарање помеѓу училиштата, општините и компаниите за тоа кои профили ќе се формираат секоја година и тие секогаш треба да бидат усогласени со потребите на пазарот на труд. Токму затоа заедно со општините почнуваме дијалог со општините, за да може од јануари да подготвиме заедничко градење на профилите коишто треба да започнат во 2021/2022 година“ изјави Царовска.

Како што потенцираше таа, ова е важно и за компаниите и за самите ученици. Сите ученици што ќе поминат одреден период по неколку часа во текот на неделата во компанијата, веќе тие стануваат припремен кадар за влез на работно место, а потоа и самата компанија нема да губи време за дообучување и доостручување туку има веќе сервиран и подготвен кадар, појасни министерката.

Во програмата за дуално образование поддржана од Германската стопанска комора се вклучени 7 училишта од 7 општини и 12 компании. Дуалното образование  се реализира во Велес, Кавадарци, Охрид, Битола, Прилеп, а од оваа година во Скопје и Тетово.