fbpx

Го прекрши ли Сиљановска Давкова Преспанскиот договор – реакции од меѓународната заедница

Додека грчките медиуми ги наполнија своите насловни страници со овој потег на Сиљановска Давкова, реакција пристигна и од претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен, како и од грчкото Министерство за надворешни работи

-

Меѓународната јавност и дел од домашните политички актери јавно реагираа откако на денешната инагурација, новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова, во заклетвата не го кажа уставното име на државата. Ваквиот потег се смета за непочитување на Договорот од Преспа кој беше склучен во посредство на Обединетите нации во 2018 година по 28 годишниот спор за името.

Додека грчките медиуми ги наполнија своите насловни страници со овој потег на Сиљановска Давкова, реакција пристигна и од претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен, која попладнево преку социјалната мрежа Х порача дека Северна Македонија треба да продолжи со приспатувањето во ЕУ преку спроведување на реформите и почитување на склучените договори, меѓу кои и Преспанскиот.

„За Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ, најважно е земјата да продолжи по патот на реформите и целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа“, напиша Фон Дер Лајен.

Ваквата реакција дојде само неколку часа откако Фон Дер Лајен преку твит на истата социјална мрежа ѝ честиташе на Силјановска Давкова што стана првата жена претседател на Северна Македонија.

Официјална реакција, во форма на соопштение, стигна и од Министерството за надворешни работи на Грција.

„Овој чин е флагрантно кршење на Договорот од Преспа и Уставот на нашата соседна земја, кој е усогласен со меѓународните обврски на Северна Македонија. И покрај приговорите што ги искажа како опозициска партија при ратификацијата на Договорот од Преспа, актуелната грчка влада како ратификуван го почитуваше меѓународниот договор, кој преовладува над секоја друга законска одредба“, се вели во соопштението од грчкото Министерство за надворешни работи.

Во овој контекст, Грција категорично наведува дека понатамошниот напредок во билатералните односи со Северна Македонија, како и напредокот по европскиот курс, зависи од целосното спроведување на Договорот од Преспа и главно од употребата на уставното име на земјата.

Сегашниот министер за правда во владата во заминување Кренар Лога тврди дека заклетвата на Сиљановска Давкова е ништовна.

„Непочитувањето на уставното име на државата ја прави ништовна заклетвата на Сиљановска“, вели Лога и додава дека во ваков случај треба или да се повтори постапката или функцијата претседател на државата треба да ја преземе претседателот на Собранието Јован Митревски, како В.Д.

Инаку, Амбасадорката на Грција во Северна Македонија, Софија Филипиду, која беше поканета на седницата на Собранието за положување заклетва на Гордана Силијановска, си замина во знак на протест кога Сиљановска Давкова наместо „Република Северна Македонија“, кажа „Македонија“.

Новоизбраната претседателка Гордана Силјановска Давкова при положувањето на заклетвата, кога наместо Република Северна Македонија рече само Македонија | Фото: Фејесбук страна на Собрание на Република Северна Македонија

Ќе стапи ли во сила извршната наредба на САД за санкции на лица кои работат против Договорот од Преспа 

Пред точно еден месец, портпаролот на Американскиот Стејт департмент во изјава за Гласот на Америка посочи оти САД очекуваат Северна Македонија да го одржи духот на Договорот од Преспа, а јавниот дискурс да биде базиран на факти.

„Исто како што САД остануваат посветени на Договорот од Преспа, ние очекуваме Северна Македонија да го одржи овој дух и јавниот дискурс да остане базиран на факти и вкоренет во посветеноста на иднината на Северна Македонија во ЕУ“, одговори портпарол на Стејт департментот на прашањето дали САД се загрижени за можно поткопување на Договорот од Преспа.

Претседателот на САД, Џо Бајден, во 2021 година потпиша извршна наредба, со која се предвидува замрзнување на имот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор, поточно лица кои го нарушуваат мирот и безбедноста на земјите од Западниот Балкан.

Станува збор за документ насловен како „Извршна наредба за блокирање имот и суспендирање на влез во Соединетите Држави на одредени лица кои придонесуваат за дестабилизирачката ситуација во Западен Балкан“.

Стејт департментот тогаш појасни дека извршната наредба не се однесува само на лица во државите на Западен Балкан кои го загрозуваат Договорот од Преспа, туку и во други држави. Извршната наредба дозволува санкции против оние што ја поткопуваат стабилноста на Западниот Балкан, каде и да се наоѓаат, под услов да ги исполнуваат релевантните критериуми за таргетирање.

Уште во првиот пасус од Извршната наредба се наведени санкции, меѓу другото, и во следниот случај:

„Да се биде одговорен или соучесник, или директно или индиректно ангажиран во, кршење, или чин што го попречувал или го загрозил спроведувањето на кој било договор за регионална безбедност, мир, соработка или заемно признавање или рамка или механизам за одговорност поврзани со Западен Балкан, вклучувајќи го и Договорот од Преспа од 2018 година; Охридскиот рамковен договор од 2001 година“. 

Принтскрин, „Извршна наредба за блокирање имот и суспендирање на влез во Соединетите Држави на одредени лица кои придонесуваат за дестабилизирачката ситуација во Западен Балкан“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и најверојатно новиот мандатар на новата влада, Христијан Мицкоски во предизборниот дуел со лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски рече дека доколку биде избран за премиер, ќе ја нарекува земјата единствено како „Македонија“, без оглед на Договорот од Преспа од 2018 година со кој се реши спорот со Грција за името на земјата. Ова, за претходникот на Сиљановска Давкова, Стево Пендаровски, би значело дека земјава ќе биде исклучена од НАТО Алијансата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Претседателката Сиљановска Давкова го прими кинескиот амбасадор, Џанг Ѕуо

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо, соопштија од претседателскиот кабинет. На средбата било констатирано дека билатералните односи меѓу двете држави се основани...