fbpx

Собранието одржа комеморативна седница за Стојан Андов

Седницата започна со едноминутно молчење, а за животот и делото на Андов, зборуваше претседателката Гордана Сиљановска Давкова

-

Во Собранието на Северна Македонија денеска се одржа комеморативна седница со која му беше оддадена почит на првиот собраниски претседател Стојан Андов, кој почина вчера на 89-годишна возраст.

На седницата присуствуваа пратеници, поранешни високи функционери, претставници на верските заедници.

Седницата започна со едноминутно молчење, а за животот и делото на Андов, зборуваше претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Изразувајќи сочувство по повод смртта на првиот демократски избран македонски функционер по осамостојувањето, претседателката Сиљановска Давкова истакна дека Андов беше државник, политичар, економски експерт, дипломат од висок ранг, политиколог, новинар, публицист, писател којшто ја промислуваше македонската и меѓународната сцена, притоа што е особено важно и за културниот идентитет на македонскиот народ, соживотот на сите македонски граѓани без разлика на нивната верска, идеолошка и национална припадност, соработката со соседите и светот врз односи на рамноправна основа, давајќи голем придонес на културата на сеќавањето, како предуслов за подобро утре на сите.

„Замина првиот претседател на Собранието во демократска Македонија избран на првите повеќепартиски избори, потоа избран уште два пати на истата функција, еден стамен столбник на нашата современост којшто даде сериозен придонес во политичкиот, државниот и општествениот развој во последните три децении“, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Taa се осврна на идеолошките напади кон Стојан Андов, на неговата улога во југословенското државно и партиско водство, на политичките судири што ги имал во Југославија, како и неговата значајна улога во Стопанската реформа и во затворањето на ФЕНИ.

Фото: Кабинет на претседателка на РСМ

„Замина, угледен сојузен функционер во поранешната заедничка држава, дипломат кому му се доверуваа најсуштествените задолженија на меѓународен план, којшто беше член на сојузните влади во два мандати, кој што го прокрстари светот, како задолжен за односи со земјите во развој и со Европската економска заедница, претходничката на Европската Унија, којшто во име на сојузната влада го потпиша Договорот за соработка со Европската економска заедница“, нагласи претседателката Сиљановска Давкова.

Претседателката Сиљановска Давкова го истакна државничкото однесување на Андов на патот кон самостојноста и независноста, кога, како што посочи, имаше многу изблици на емоции и конфликтот беше во воздухот.

Стојан Андов беше роден во 1935 година во Кавадарци. Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје, а магистрирал на Белградскиот универзитет.

На првите повеќепартиски избори 1990 година, беше избран за пратеник и стана претседател на Собранието во јануари 1991 година. На вторите парламентарни избори во 1994 повторно беше избран за пратеник и за претседател на парламентот – должност што ја извршуваше до март 1996 година.

Андов стана пратеник и на изборите во 1998 година.

Беше кандидат за претседател на Република Македонија на претседателските избори 1999 година. На 30 ноември 2000 година повторно беше избран за претседател на Собранието на Република Македонија, функција што ја извршуваше до октомври 2002.

Основач е на Либералната партија на Македонија и како нејзин претседател ја водеше Либералната партија до спојувањето со поранешната ДП 1997 година, кога стана претседател на Советот на новоформираниот политички субјект. По обновувањето на Либералната партија на Македонија, беше избран за член на нејзиниот Извршен комитет.

Стојан Андов почина вчера, на 89 годишна возраст.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Податочните центри во Ирска потрошиле повеќе струја од сите домаќинства заедно

Податочните центри во Ирска потрошиле повеќе струја од сите домаќинства во државата заедно, пренесува Гардијан. Според Државниот завод за статистика на Ирска, податочните центри искористиле 21 отсто од електричната енергија...