Германија е омилена земја за странските студенти

Запишувањата во изминатиов зимски семестар, информации објавени во четвртокот, беа за 5 отсто повисоки во споредба со претходната академска година, која беше силно зависна од ковид пандемијата и владините ограничувања кои беа насочени да го намалат ширењето на вирусот

Фото: Sangga Rima Roman Selia on Unsplash

Германските универзитети сè повеќе привлекуваат странски студенти, со рекордни 370.000 запишани студенти од странство во минатогодишниот зимски семестар, покажуваат податоците на Германската служба за академска размена (ДААД), пишува германската новинска агенција ДПА. 

Индија ја замени Кина на првото место на земји од каде што доаѓаат странски студенти во Германија, а според податоците на ДААД, околу 46.200 индиски студенти студирале лани на германските универзитети.

Бројот на украински студенти значително пораснал за 43 отсто, на 9.100 студенти. Многу Украинци денес живеат во Германија откако избегаа од руската воена агресија која започна во февруари 2022 година.

Запишувањата во изминатиов зимски семестар, информации објавени во четвртокот, беа за 5 отсто повисоки во споредба со претходната академска година, која беше силно зависна од ковид пандемијата и владините ограничувања кои беа насочени да го намалат ширењето на вирусот.

Странските студенти особено се привлечени од високиот квалитет на академското образование во Германија, бесплатното школување и добрите шанси за вработување, изјави директорот на ДААД, Џојбрато Мукерје.

Германските универзитети се исто така популарна дестинација за странските академици и истражувачи. Околу 70.000 академици од странски земји сега работат на германски универзитети и истражувачки центри, според ДААД.

По САД, Германија и Велика Британија се сметаат за најзначајните земји за спроведување на меѓународни научни истражувања, велат од ДААД.