Георгиев: Судскиот совет ќе ја зголеми транспарентноста, седниците ќе ги снима МИА

Само сите заедно со исклучително транспарентна работа ќе постигнеме добри резултати. Барав да има присуство на камера од МИА и ве повикувам и во иднина да ги следите нашите седници, рече новиот претседател на Судскиот совет Георгиев

Фото: Принтскрин

Судски совет со мене како претседател ќе покаже дека ќе ја зголеми транспарентноста и отчетноста во работата на Судскиот совет, изјави пред почетокот на денешната седница новоизбраниот претседател на Судскиот совет Сашко Георгиев, која овојпат во живо се емитуваше на Фејсбук профилот на државната агенција МИА.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) вчера го осуди непринципиелниот однос на новиот претседател, кој ги отстрани присутните сниматели на првата седница како претседател, а дозволи присуство само на новинарите, бидејќи имало преголема гужва.

На првата седница на Судскиот совет со нов претседател отстранети снимателите, реагира ЗНМ

„Само сите заедно со исклучително транспарентна работа заедно ќе постигнеме добри резултати. Барав да има присуство од камера од МИА и ве повикувам и во иднина да ги следите нашите седници. Уште денес ќе стапам во контакт со претставници од МИА преку Судски совет да имаме во иднина редовно снимање на седниците и да се пренесува преку МИА и кој е заинтересиран да презема од МИА“, заклучи Георгиев на почетокот на денешната седница.

И Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) денеска го осуди отстранувањето на присутните сниматели на вчерашната седница на Судскиот совет и посочи дека ваквиот непрофесионален однос кон медиумите придонесува не само за фрлање сенка врз транспарентноста на судството, туку и за нарушување на правото на јавноста да биде целосно информирана за работата на судските власти.

„Потсетуваме дека е особено важно на сите новинарски екипи да им се обезбеди непречен пристап за известување од настани кои се од јавен интерес, во насока на обезбедување транспарентност и отчетност на институциите“, стои во реакцијата на АВМУ.

Во минатиот четврток, со осум гласа „за“ и четири „против“, на седница на Судскиот совет која беше закажана надвор од работното време, за нов претседател беше избран Сашко Георгиев, откако претходно Весна Дамева беше разрешена на контроверзен начин, кој експертите го протолкуваа како незаконски.