Има сериозно несогласување за прашањето за Северна Македонија помеѓу Министерството за надворешни работи (МНР) и тимот за надворешна политика на премиерот Кирил Петков за евроинтеграциите и преговорите со Република Северна Македонија, изјави денеска бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска, јавува БНТ.
Шефицата на бугарската дипломатија порачува дека нема напредок од македонска страна, како и оти нема време Северна Македонија до крајот на француското претседателство да го отвори Уставот за да ги вметне Бугарите како државотворен народ.
Таа рече и дека не постои документ помеѓу Северна Македонија и Бугарија кој е основа за преговори. Речиси ништо од останатите четири точки од Протоколот 4+1 не е исполнето од страна на Скопје, порача таа.
Генчовска е министерка во бугарската влада по предлог на партијата Има таков народ (ИТН) на Слави Трифонов. Тој пак пред десет дена го обвини премиерот Петков дека сака да го тргне бугарското вето за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, без притоа официјална Софија да добие некакви гаранции од Скопје.