За петнаесетина денови ќе биде чиста малата депонија со линдан во кругот на некогашната хемиска индустрија ОХИС. Повеќе од половината од токсичниот пестицид е веќе спакуван и чека да замине за Франција на безбедно уништување. На локацијата останува да се допакува уште контаминираната почва, која пак, ќе се испрати во Холандија.
Компанијата „Полиеко“, која е задолжена за чистење на депонијата со линдан, денеска информираше дека од околу 650 тони отпад во депонијата, 450 тони се линдан, а 200 тони контаминирана почва. Од нив, досега се исчистени околу 350 тони. Пестицидот се пакува во специјализирани буриња и тој, по транспортот до крајната дестинација, ќе биде спален. Земјата, пак ќе се транспортира во контејнери. Тие преку Солунското пристаниште со брод ќе се превезат до Холандија, каде почвата термално ќе се обработи.
„Повеќе од 60 отсто од количините се веќе спакувани и очекуваме за околу две недели да завршиме. Во текот на извршувањето на работите единиците за негативен притисок во шаторот работат без прекин и го филтрираат воздухот пред да биде испуштен надвор од црвената зона каде што се ископува материјалот. Личната опрема на луѓето кои што работат е по највисоки заштитни стандарди, а еколошкиот мониторинг се спроведува и внатре во шаторот и на три локации надвор“, рече Џорџ Цаимос од „Полиеко“, на денешната прес конференција организирана од Македонското еколошко друштво.
По завршувањето на активностите на малата депонија, една од главните цели на Министерството за животна средина ќе остане и чистењето на големата депонија. Според Сузана Андонова, национален координатор на проекот од канцеларија за ПОПс во Министерството, во моментов се работи на изнаоѓање средства за финансирање на тој проект.
„Во тек се преговори со Европската Унија, од каде е покажан интерес за доделување дополнителни средства, откако за чистењето на малата депонија ни депонираа 2,5 милиони евра. Имаме потврда и од ГЕФ, дека доколку успешно се реализира чистењето на малата депонија ќе можеме да добиеме нови 10 милиони евра и за големата. Мислам дека свеста за проблемот е на многу високо ниво и верувам дека во скоро време ќе имаме средства да започнеме и со тој проект“, рече Андонова.
Чистењето на малата депонија почна на средината на минатиот месец, откако, претходно речиси една година се поставуваше заштитниот шатор, се обезбедуваше потребната механизација и се вршеа обуки за работниците кои ќе го спроведуваат чистењето. Опасниот пестицид во ОХИС е несоодветно складиран во најмалку две депонии, а се претпоставува дека има и трета, како и една надвор од кругот на фабриката, во месноста Пеленица кај Драчево. Погонот за линдан во фабриката работел од 1964 до 1977 година, кога било прекинато од еколошки причини. Во тој период биле произведени околу 2.800 тони линдан, што резултирало со околу 25.000 тони неактивни изомери, кои несоодветно биле расфрлани и кои до денес се опасност за контаминација на воздухот, водите и почвата.
Решавањето на историскиот отпад во малата депонија се спроведува во соработка со Владата на Норвешка, ГЕФ и две организации на ОН, УНИДО и УНОПС, како и со Делегацијата на ЕУ преку ИПА 3 програмата.