Премиерот Зоран Заев, при увидот на градежните активности на гасоводната делница Скопје-Тетово-Гостивар, рече дека истата целосно ќе биде завршена во втората половина на следната година. Во исто време, како што најави Заев, ќе бидат изградени и мерните станици и краците кон градовите.

Оваа делница е во должина од 86 километри и заклучно со септември, е реализирана на ниво од 66 проценти.

Пандемијата со ковид-19 го забави изведувањето на работите, но сепак потенцираше премиерот, целосно се завршени работите на гасната магистрала од Клечовце до Неготино во должина од 96 километри.

Во септември годинава пак се комплетираше и изградбата на Неготино-Прилеп-Битола во должина од 92 километри. Овој магистрален гасовод, со сите придружни елементи, ќе биде комплетиран до вториот квартал на 2021 година.

Она што се очекува во следниот период е да се определат операторите на секундарната и терцијарната мрежа коишто ќе обезбедат пренос и приклучок на гасоводна мрежа, кои како што кажа Заев треба да бидат по ниски цени достапни за граѓаните и стимулирачки за индустријата.

„За таа цел беше објавен повик за воспоставување на јавно-приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас. Во тек е евалуација на пријавите за учество заедно со консултантите од ЕБОР за проверка на нивните капацитети согласно критериумите на повикот,“ рече Заев.

Интерконекторот со Грција пак, треба да обезбеди стабилно и континуирано снабдување со гас, независност и конкурентни цени. Од големо значење, потенцираше Заев, е и постоењето на точката на новиот интерконектор со Косово што продолжува преку Косово, Црна Гора и понатаму.

„Ќе бидеме преносен систем и за други држави што секако ќе влијае многу на поволноста на цената за крајните консументи,“ рече Заев.