Франција не ги принудува африканските земји да плаќаат колонијален данок

Учеството на 14-те земји во валутата и монетарната унија е доброволно, а во 2019 година беше отстранет и условот за чување на половина од девизните резерви на овие земји во Франција

-

Тврдењето дека Франција принудува 14 африкански земји да плаќаат колонијални даноци, е неточно. Овие земји се членки на монетарната унија која ја користи валутата ЦФА франк. Учеството на 14-те земји во валутата и монетарната унија е доброволно, а во 2019 година беше отстранет и условот за чување на половина од девизните резерви на овие земји во Франција. ММФ во март 2022 година извести дека сметката на која се чувале овие резерви е затворена. Од друга страна, постоењето на „колонијален данок“ никогаш не било дозволено, а наметнувањето даноци од една земја на друга, исто така, е спротивно на меѓународните закони, пишува „Вистиномер“ во својата анализа

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Пост на Фејсбук тврди дека Франција принудува 14 африкански земји да плаќаат колонијален данок. Ова не е точно.

Франција принудува 14 африкански земји да плаќаат колонијален данок во вредност од 500 милијарди долари секоја година.
Путин, од друга страна, ги отпиша долговите на неколку африкански држави во вредност од над 20 милијарди долари.
Сепак, Макрон има смелост да ја нарече Русија „единствена колонијална сила на 21 век, стои во објавата што ја анализираме.

Во прилог на постот  се споделува и фотографија од мапа на Дојче веле на поранешни француски колонии во Африка.

На оваа тема веќе пишуваа порталот за проверка на факти Africa Check и францускиот весник Le Monde. Како што пишува Africa Check, станува збор за тврдења дека француската централна банка (Banque de France) ги држи националните резерви на 14 африкански земји и ги принудува секоја година да плаќаат 500 милијарди долари во француската каса како отплата на „колонијалниот долг“. Земјите за кои станува збор се членки на зоната ЦФА франк, која се состои од две монетарни унии, Западноафриканската економска и монетарна унија и Централноафриканската економска и монетарна унија, како и Комората.

Учеството на овие земји во валутата и монетарната унија е доброволно. Валутата е создадена на 26 декември 1945 година за да се користи како легално средство за плаќање во тогашните француски колонии во Африка.

До 2019 година, Франција бараше од африканските земји кои го користеа ЦФА франкот да чуваат 50 отсто од нивните девизни резерви (не извоз) во француската каса, во замена за гарантиран девизен курс со еврото. Тие земји имале пристап до тие резерви кога сакале, додека Франција им плаќала 0,75 отсто камата сè додека ги чувале во трезорот. Сите земји-членки, освен две, се поранешни француски колонии (Њујорк тајмс).

Во декември 2019 година беше спроведена реформата на ЦФА зоната и беше отстранет условот за чување на половина од девизните резерви во Франција. Во 2021 година, Франција го започна процесот на префрлање на резервите на земјите, ММФ во март 2022 година објави дека сметката на која се чувале овие резерви е затворена и дека Централната банка на западноафриканските држави (која ја контролира монетарната политика на осум земји, вклучително и Буркина Фасо) го презела управувањето со овие резерви. Таа е слободна да ги депонира овие резерви каде што сака, пишува Фактограф.хр.

Изворот на тврдењето за „колонијалниот данок“ „Ле Монд“ го наоѓа во напис објавен во јануари 2014 година на порталот „Силикон Африка“ (порталот објавува на англиски јазик), каде што се спомнуваат зборовите „депозит“ и „ колонијален данок“. Како што понатаму пишува Ле Монд, постоењето на „колонијален данок“ никогаш не било дозволено, а наметнувањето даноци од една земја на друга, исто така, е спротивно на меѓународните закони. Единствено може да се работи само за некој вид финансиски санкции, како што е замрзнување на средства.

Земјите членки (14) доброволно учествуваат во монетарната унија, а секоја држава сама одлучи дека ќе продолжи да ја користи наведената валута по независноста (Њујорк тајмс).

Како што пишува Africa Check, францускиот министер за финансии во изјава за Дојче веле уште во 2019 година, ги негирал наводите дека Франција ги користи депозитите на ЦФА за трговија или за земјата да оствари некаков профит, а на официјалната веб-страница на француската влада стои дека учеството во монетарната унија е доброволно и дека државите можат да ја напуштат – трајно (како Мали) или привремено (како Мавританија или Мадагаскар).

Исто така, се наведува дека монетарните одлуки се одговорност на три заеднички и независни централни банки: Централната банка на западноафриканските држави (BCEAO) во Сенегал, Банката на централноафриканските држави (BEAC) во Камерун и Централната банка на Коморите (BCC). Франција има еден претставник во BEAC, од 2019 година нема претставник во телата на BCEAO, а управниот одбор на BCC се состои од осум члена, од кои четворица се претставници на француската влада.

Од сето ова можеме да заклучиме дека тврдењето оти Франција принудува 14 африкански земји да плаќаат колонијални даноци, е неточно. Овие африкански земји се членки на монетарната унија која ја користи валутата ЦФА франк. Учеството на 14-те земји во валутата и монетарната унија е доброволно, а во 2019 година беше отстранет и условот за чување на половина од девизните резерви на овие земји во Франција. ММФ во март 2022 година извести дека сметката на која се чувале овие резерви е затворена. Од друга страна, постоењето на „колонијален данок“ никогаш не било дозволено, а наметнувањето даноци од една земја на друга, исто така е спротивно на меѓународните закони.

Поради тоа, постот кој го анализираме го оценуваме како невистинит.

Дводневен саем за пракса и вработување на Машински факултет

Студентите од техничкиот кампус при Универзитетот „Св Кирил и Методиј“, денеска на Машинскиот факултет го посетија саемот за пракса и вработување, кој ќе трае и утре. Целта е студентите...