Фото: Мета.мк

Министерот за здравство Венко Филипче денеска соопшти дека термини за вакцинација добиле сите граѓани над 40 години од Скопје кои до 30.4.2021 година изразиле желба за вакцинирање преку веб страницата vakcinacija.mk.

„Во текот на следните три дена и од останатите градови во земјава, термини за вакцинирање ќе добијат граѓаните над 40-годишна возраст кои до крајот на април изразиле желба за вакцинирање на www.vakcinacija.mk. Од вчера почна вакцинацијата и на пациентите кои се на дијализа, како и пациентите со трансплантација. Имунизацијата во државата се одвива со засилено темпо, најлесен начин да се вакцинирате е со пријавување на www.vakcinacija.mk“, напиша министерот Филипче на Фејсбук.

Министерот Филипче во петокот рече дека граѓаните под 40 години кои се пријавиле за вакцинација преку веб страницата vakcinacija.mk ќе мора да почекаат подолго за да добијат термини за вакцинација. Наспроти ова, податоците на веб страницата koronavirus.gov.mk покажуваат дека лицата помеѓу 30 и 39 години, како возрасна категорија, се втори по бројност како досега заболени случаи од корона вирус во нашата земја. Најмногу случаи на заболени од ковид-19 (39.007 случаи) има кај лицата на возраст со над 60 години, додека втори по бројност (28.989 случаи) се граѓаните на возраст од 30 до 39 години.