ФЕИТ ги промовираше новите инженери и магистри – 53 отсто се девојки

Просечното времетраење на студирањето на новите инженери изнесувало 5 години, 2 месеци и 21 ден. Просечната оцена на студирање што ја постигнале студентите е 7,93

фото: Факултет за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ)

Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) вчера ја промовираше новата генерација дипломирани инженери по електротехника и информациски технологии, како и новите магистри. На свечена церемонија, во големата сала на Филхармонија, дипломите им беа врачени на 146 нови инженери и 44 магистри.

Како што информираа од овој факултет, во новата генерација дипломци, дури 77 или 53 отсто, се девојки – просек што е за околу 4 пати повисок од европскиот просек на техничките факултети.

На церемонијата на доделување на дипломите присуствуваше и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој на новодипломираните инженери им порача дека ја направила најголемата инвестиција во нивните животи. Тој истакна дека тие се кадар кој е баран и дефицитарен на пазарот на трудот.

„Верувам дека голем број матуранти ќе го следат вашиот пример и ова е добра прилика во пресрет на претстојните уписи во високо образование, да упатам порака до нив, доколку имаат афинитети кон електротехниката и информатичката област, да одберат се образуваат на оваа високообразовна установа, за која сум убеден дека и во иднина не само што ќе ги одржува, туку и континуирано ќе ги подигнува стандардите за квалитет на настава и за спроведување на научно – истражувачка дејност“, рече Шаќири.

Деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски ги повика дипломираните инженери и магистри да бидат храбри и да ги употребат знаењето, технологиите и вештините што ги стекнале за време на студиите.

„Само преку заеднички напори и стратегии, нашата држава може да направи значителен напредок во областа на истражувањето, развојот и иновациите со што нашата економија може да стане конкурентна на меѓународниот пазар. Вие сте тие кои ќе овозможат да дојдеме до тие промени. Знаењето, технологиите и вештините кои ги стекнавте на ФЕИТ се ваша голема компаративна предност. Научени сте да прашувате, да истражувате и критички да размислувате што е многу битно во ерата на вештачката интелигенција и 4. индустриска револуција. Способноста за иновации и изразување на креативноста станува сè повредна во денешниот свет, и тоа дипломирани студенти и магистри на ФЕИТ е вашата шанса за успех. Затоа немам дилема дека иднината ви припаѓа вам“, им порача деканот Ташковски на дипломираните студенти на ФЕИТ.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), проф. д-р Никола Јанкуловски ги охрабри новите инженери и магистри да го продолжат својот развоен пат на магистерски и докторски студии на првиот македонски државен универзитет, кој годинава одбележува 74 години од своето основање.

„ФЕИТ од основањето до денес претставува лидер во областа на електротехниката и информациските технологии во Република Северна Македонија со што перманентно и успешно ја исполнува својата мисија за континуирано образование на стручни професионалци, односно претприемливи индивидуи во електротехниката и новите технологии, кои ќе работат успешно и ќе промовираат нова работа и нови можности, како што гласи мотото на ФЕИТ, и кои ќе придонесуваат во развојот на општеството и подобрување на квалитетот на живот“, рече ректорот на УКИМ, Јанкуловски.

Просечното времетраење на студирањето на новите инженери изнесувало 5 години, 2 месеци и 21 ден, а најкусиот временски период во кој се завршени додипломските студии од оваа генерација е 3 години и 9 месеци.

Просечната оцена на студирање што ја постигнале студентите е 7,93. На свеченоста беа доделени плакати и награди на најдобрите дипломци. Со просечна оценка над 9 завршија 16 инженери, а кои студиите ги започнале во 2018/19 година.