Европската комисија ѝ одобри на Бугарија 1,2 милијарди евра за енергетска трансформација

Ќе се изврши и рехабилитација на над 2.190 хектари земјиште и ќе се отвораат индустриски зони, но и ќе се градат капацитети за обновливи извори на енергија

Термоцентрала „Бобов Дол“, Бугарија. Фото: Мета.мк, јуни 2021 година

Европската комисија денеска ги одобри територијалните планови за трансформација за „јагленските региони“ Стара Загора, Перник и Ќустендил, а со тоа практично го дозволи пристапот на Бугарија до 1,2 милијарди евра за еколошка промена на сегашните загадувачки начини на производство на енергија, пишува бугарскиот онлајн-медиум mediapool.bg.

Овој чекор доаѓа во последен момент пред Бугарија да ја загуби шансата да ги добие неповратните средства. Земјата е последната во ЕУ за којашто се одобрени такви планови, против коишто протестираа рударите и вработените во термоцентралите. Последниот таков протест беше на преминот од септември во октомври, при што се блокираа и патишта. Бугарската влада сепак не попушти пред нивните барања да се повлечат територијалните планови.

Со парите што ЕК ги одобри за Бугарија, треба да се направи преквалификација и зголемување на вештините на над 15.000 работници во регионите Стара Загора, Перник и Ќустендил.

Ќе се изврши и рехабилитација на над 2.190 хектари земјиште и ќе се отвораат индустриски зони, но и ќе се градат капацитети за обновливи извори на енергија.

Се предвидува и подобрување на енергетската ефикасност на станбените згради и куќи, со посебен акцент на енергетски сиромашните домаќинства.