fbpx

ЕУ: Здравството ви е за ремонт, медицински сестри и специјалисти заминуваат во странство

„И понатаму недостасуваат одредени специјалисти. Соодносот на лекарите и медицински сестри на 100.000 жители продолжува да биде под просекот на ЕУ, а медицинскиот персонал, медицинските сестри и специјалистите продолжуваат да го напуштаат јавниот здравствен сектор за да работат или во приватен сектор или во странство“, наведено е во извештајот

-

Беше направена првата трансплантација на црн дроб во земјата. Но, остануваат да се решат многу предизвици во областа на јавното здравје, посебно во однос на контролата на тутунот и достапноста, потоа, опсегот на здравствените услуги, финансирањето на примарната здравствена заштита, а треба да се подобри и  скринингот за рак. Освен тоа, усогласувањето на македонското здравство со здравственото законодавство на ЕУ, останува нецелосно.

Ова се само дел од забелешките наведени во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, во делот кој се однесува на здравството.

„Во наредната година, земјата треба да ги интензивира напорите за контрола на тутунот преку ефективно спроведување на релевантното законодавство на ЕУ и ратификување на Протоколот за елиминирање на недозволената трговија со тутунски производи. Треба и да се обезбеди соодветно финансирање и капацитет за да се обезбеди рано откривање на рак и ретки болести врз основа на податоци од регистрите“, наведено е во делот за препораките до македонските власти.

Во него е наведено дека примарната здравствена заштита е бесплатна, но достапноста и опсегот на услуги, како и финансирањето на примарната здравствена заштита, се области на кои треба да се работи.

„И понатаму недостасуваат одредени специјалисти. Соодносот на лекарите и медицински сестри на 100.000 жители продолжува да биде под просекот на ЕУ, а медицинскиот персонал, медицинските сестри и специјалистите продолжуваат да го напуштаат јавниот здравствен сектор за да работат или во приватен сектор или во странство“, наведено е во извештајот.

Трошоците за здравствена заштита се високи и тоа оневозможува еднаков пристап до здравствена заштита.

„Не е постигнат напредок во контролата на тутунот. Иако институционалната и правната поставеност е во ред, контролата во пракса изостанува, сè уште тутунот е нашироко толериран и несанкциониран, посебно во ресторани и други објекти. Пушењето на јавни површини треба да биде казниво. За ковид-19, остануваат во сила неколку превентивни мерки. Бројот на извршени трансплантации продолжи да се зголемува, вклучително и првата трансплантација на црн дроб“, пишува во извештајот.

Конкретно за иселувањето на младите лекари од земјава, Мета.мк неодамна пишуваше. Несоодветниот медицински едукативен процес, бирокатските процедури за да се отвори ординација, платите кои не се на завидно ниво и немањето финансиска поддршка по завршување на студиите се некои од главните причини кои ги тераат младите лекари и специјалисти да се иселуваат од земјата. Според наоди на Македонското лекарско друштво, за десет години бројот на лекари во земјава се намалил за дури 2.000.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...