Д-р Кочоски: Причините за иселувањето на младите лекари се многубројни

Фото: Мета.мк

Несоодветниот медицински едукативен процес, бирокатските процедури за да се отвори ординација, платите кои не се на завидно ниво и немањето финансиска поддршка по завршување на студиите се некои од главните причини кои ги тераат младите лекари и специјалисти да се иселуваат од земјата. Според наоди на Македонското лекарско друштво, за десет години бројот на лекари во земјава се намалил за дури 2.000.

За тоа што им е потребно на младите доктори за да останат да работат овде, како и за тоа какви се условите за работа во македонското здравство зборуваме со д-р Божидар Кочоски, спец. хематолог и претседател на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.

Која е главната причина поради која младите здравствени работници си заминуваат од државата? 

Немањето на системско решение кое ќе ги насочи правилно лекарите и кое ќе ги апсорбира и правилно ќе ги распредели се главните причини за миграција. Непрепознавањето и немањето на шанса за работа за да се оствари било кој од тие млади луѓе, нормално ќе резултира со желба за иселување. Иако се работи за еден поглобален феномен во кој ние сме свесни дека тие сакаат на подобри места да работат, сепак главен проблем е она кое ние го немаме дома, во државата. Можеме да зборуваме за тоа дека немаме соодветен трансфер на знаења, соодветен едукативен процес, услови за работа, инфраструктурни услови кои треба да функционираат во помалите места. Многубројни се причините, не би можело една да се издвои со цел да се посочи дека тоа е главната, но немањето на стратегија покриена со законски и подзаконски решенија е една од главните причини.

Во минатото имаше покачувања на платите на лекарите. Колку висината на платата е пресудна за останување на работа во земјата?

Официјална статистика по тоа прашање не е направена, а доколку ги користиме искуствата на поразвиениете земји, ќе ја рангираат платата од 4 до 7 место. Кај нас младиот лекар по завршување на шестгодишен факултет, е оставен без основни примања и е зависен од фамилијарните примања, така што платата игра огромна улога во однос на одлуката за останување во државата или не. Тоа што се золемија платите позитивно делува, тоа се позитивни чекори. Ние се боревме за определени други работи кои успеаја да се реализираат. Успеа да се плати работата на приватните специјализанти, но тоа сè уште не е системско законско или подзаконско решение кое ќе овозможи непречено функционирање, без да има дополнителни проблеми кои знаат да се појавуваат во целокупниот процес. Има уште многу работи кои мора да ги решаваме. Сè уште имаме проблем со дежурствата, со заканите, со одвоен живот на некои колеги кои доаѓаат од внатрешноста да специјализираат.

Дали вие како Асоцијација на специјализанти и млади лекари, планирате да им ги посочите на надлежните овие проблеми за да се решаваат и за да се подобри стандардот и статусот на лекарите во општеството?

Ние сме и со таа цел формирани како Асоцијација. Ние сме формирани со цел да ги заштитиме младите, преговараме за подобри услови уште во времето кога министер за здравство беше Никола Тодоров. Цело време реагиравме за да бидеме слушнати и да понудиме решенија кои сметаме дека ќе придонесат за подобрување на нашиот статус. Приемот е релативно добар кај сите министри, комуникацијата варира од човек до човек, но за останатото можете да судите сами по бројот на заминати лекари од државата.

Во владината програма има ветување за субвенции за младите лекари да отворат ординации во руралните средини, како и ветување за доделување грантови за сопствен дом за специјализантите кои го немаат решено станбеното прашање. Се применува ли нешто од ова во пракса? 

Ништо од тоа не се применува. Ако ја видиме реалната бројка на терен и кога ќе видиме колку се затворени ординации и колку сè уште ќе недостигаат лекари, ќе сфатиме дека тоа се ветувања кои фигурираат само на хартија, а во пракса многу слабо. Ние имаме проблем со отворање ординации, во однос на бирократски процедури, како и финансискиот дел кој е неопходен за да се стабилизира и започне да работи една ординација, за да може да продуцира здравствени услуги. Кај нас не постои систем кој ќе ги насочи соодветно за да станат тие матични лекари, без оглед дали се во рурална или градска средина.