Вакцинацијата не е мисија наменета против граѓаните над 65 години и против децата

Граѓаните кои се вакцинираат не се жртви, туку даваат согласност да бидат имунизирани, а задолжителната вакцинација за децата е заштита од веќе искоренети болести кои би можеле да се вратат доколку вакциналниот опфат не е 95 проценти, пишува Вистиномер

Фото: MasterTux Pixabay

Објавата изобилува со манипулативни антивакцинални наративи, со цел да се исплашат граѓаните да не се вакцинираат. Вакцините не се оружје против возрасните граѓани над 65 години и децата, туку најголема медицинска придобивка на современата медицина, а овие две категории граѓани се ранливи групи и затоа фокусот на Министерството за здравство е на нив. Вакцините се безбедни и во државата се ставаат истите кои се администрираат во Европа. Граѓаните кои се вакцинираат не се жртви, туку даваат согласност да бидат имунизирани, а задолжителната вакцинација за децата е заштита од веќе искоренети болести кои би можеле да се вратат доколку вакциналниот опфат не е 95 проценти, пишува Вистиномер. 

 

Текстот го пренесуваме во целост: 

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се манипулира со најновата акција на Министерството за здравство која цели да се администрираат пропуштените вакцини кај невакцинираните деца, со цел да подигне процентот на вакцинираност меѓу населението и на таков начин да се превенираат болести. Исто така, тимови од Министерството за здравство ќе ги имунизираат и граѓаните против грип и ковид. Во ваков контекст, во објавата се вели:

Од врата на врата и боц боц. Ковид бустерче, сезонско грипче за тие над 65 години и децата како целни групи на сатанистите, за наводни вакцини па и детските, од ист центар. Градинките се полупразни од болни деца во континуитет иако редовно вакцинирани, изјава на една баба која си го чуваше внучето бидејќи е постојано болежливо.

Мислев дека оваа објава е стара но кога го видов датумот 1 ноември 2023, не можам да си верувам дека уште ги буткаат генските отровни инјекции, биолошко оружје и со која цел?

1. Дали здравствените работници се информирани што даваат на жртвите што ги боцкаат???
2. Дали жртвите што доброволно прифаќаат знаат за последиците кои се толку многу, да не можат да се набројат???
4. Дали некогаш сте се посомневале, дека последица/тешка хронична болест, се “лекува” со скапи “лекови” доживотно, никогаш излечени…се од таканаречените вакцини???
5. Дали јавно објавија за тешките последици и смртноста од ковид вакцини, па и другите???
6. Дали за ваква гнасна сатанистичка мисија им треба и полициска асистенција ако луѓето масовно одбиваат???

Секогаш да имате на ум, кој ја води државата и сите институции, па и здравството. Дали може да им верувате, на сите зла што ги направија?

Објавата изобилува со дезинформации и наративи кои се веќе јавно побиени, а во еден дел од неа има и контрадикторности. На пример, контрадикторно е тоа што се кажува во објавата, дека  „градинките се редовно полупразни од болни деца иако редовно вакцинирани“, а од друга страна во објавата се изразува противење на оваа вакцинација. Елементарно непознавање на имунологијата и епидемиологијата е да се каже дека деца кои се вакцинирани, сепак се разболуваат. Притоа, во објавата не се наведува од која болест децата се разболуваат, но се наведува како извор „една баба“, што не може ни од далеку да биде некој релевантен извор.

Доктор Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести неодамна изјави дека единствено вакцинален опфат од 95 проценти е гаранција дека епидемија нема да се појави. Секој понизок опфат отколку оној од 95 проценти, претставува ризик. Тоа, всушност, е аргумент кој покажува дека вакцинацијата е оправдана (иницијативата на Министерството за здравство), со оглед на тоа што вакциналниот опфат е под 95 проценти.

Понатаму, во објавата се тврди дека ковид бустери се администрираат од врата на врата како и вакцини против грип, како и детски вакцини. Наспроти ова, никој не може да го принуди граѓанинот да се вакцинира против ковид или да прими бустер, ниту пак, да се вакцинира против грип, но она кое се прави е информирање на генералната популација за бенефитите од овие вакцини и доколку тие изразат интерес, тогаш примаат вакцина. Не е вистина дека ова е принудна вакцинација, туку само метода која се користи за приближување на информациите на граѓаните.

Дополнително, од 60 илјади вакцини кои Министерството за здравство ги набави против грип, а кои се наменети за ризични категории на граѓани (бесплатните) сите термини се зафатени односно оваа вакцина против грип има одлична прифатеност меѓу популацијата.

Што се однесува на вакцините коишто се даваат на децата, а кои се дел од задолжителната имунизација, професор доктор Александра Грозданова, национален координатор за имунизација, неодамна изјави дека дел од родителите ја одложуваат истата, поради неоправдани причини, неинформираност или недоволна информираност. Стратегијата на Министерството за здравство е да ги приближи информациите дека вакцините за децата, како и оние за грип и ковид се безбедни, испитани. Некои од вакцините против детските болести се даваат со децении наназад.

Не е вистинито изнесеното во објавата што ја рецензираме дека вакцините се „генски отровни инјекции – биолошко оружје“, ниту пак, дека вакцинацијата е „сатанистичка мисија“. Сите вакцини кои се администрираат во С. Македонија се оние кои се даваат во Европа и се испитани, одобрени од Агенцијата за лекови и медицински средства. Пред да се одобри вакцина за широко производство, таа поминува ригорозни тестови за нејзината безбедност и ефикасност. Вакцинацијата спасува животи и претставува една од најголемите медицински придобивки на развојот на науката. Благодарение на вакцината во земјите со широк опфат на вакцинирано население, болести кои во минатото убивале сега се искоренети.

Како што се наведува на веб-страницата на УНИЦЕФ, редовните вакцини за деца се безбедни и ефикасни. Тие се темелно тестирани и докажано спречуваат сериозни болести, спасувајќи милиони детски животи секоја година. Со редовната вакцинација децата развиваат долгорочна заштита – за да имаат здрав и квалитетен живот, без последици од детство поминато во борба против болести кои можат да се спречат.

Вакцините ги штитат и помагаат за здрав раст на децата. Обезбедуваат заштита од болести кои може да доведат до сериозни последици, вклучително попреченост – па и дури и смрт – особено во случаи кога имунолошкиот систем е во развој, како кај доенчињата. Многу е важно да го вакцинирате вашето дете редовно и навремено. Во спротивно, при појава на високозаразни заболувања, вие, вашето дете и сите останати сте изложени на ризик. Невакцинираните деца се во голем ризик да заболат од опасни болести, како што се малите сипаници, кои може да предизвикаат пневмонија, па дури и смрт, или полио што може да доведе до непоправлива парализа и смрт, се наведува на сајтот на УНИЦЕФ.

Според истиот извор, секоја вакцина содржи мало количество или делови од микроби (вирус или бактерија) што ја предизвикуваат болеста. Меѓутоа, за разлика од живите микроби, од вакцините детето не може да се разболи, бидејќи во нив микробите се умртвени или многу ослабени.

Дополнителните хемиски состојки (конзерванси и стабилизатори) кои ги содржат вакцините имаат важна улога за нивната безбедност и ефективност, помагајќи да се зајакне имунолошкиот одговор, односно им помагаат на вакцините подобро да функционираат. Конзервансите овозможуваат вакцините да останат ефективни, а стабилизаторите овозможуваат вакцината да остане стабилна за време на складирање и транспорт, објаснуваат од УНИЦЕФ.

Повеќе информации за вакцините може да прочитате овде.

Сите болести од кои штитат вакцините може да ги пронајдете на овој линк заедно со описите и компликациите од болеста и придобивките од вакцинацијата.

Во еден наратив на креирање хистерија и недоверба кон здравствените работници, здравствениот систем и вакцинацијата како здравствена придобивка, во објавата што ја рецензираме  луѓето кои доброволно се вакцинираат се претставени како „жртви“, а истовремено се поставува прашањето дали здравствените работници се информирани што им даваат на „жртвите“. Ова е чиста манипулација со оглед на тоа што  здравствените работници знаат што содржат вакцините, но и самите граѓани знаат или би можеле да знаат, бидејќи се работи за јавно достапни информации кои никој не ги крие.

Во земјава се спроведува задолжителна активна имунизација на лица на одредена возраст, која се спроведува континуирано во текот на целата година против: акутен вирусен хепатит Б (Hepatitis B), туберкулоза (Tuberculosis), заболувања предизвикани од хемофилус инфлуенца тип Б (Hib), дифтерија (Diphtheria), тетанус (Tetanus), голема кашлица (Pertussis), детска парализа (Poliomyelitis acuta), мали сипаници (Morbilli), заразни заушки (Parotitis epidemica), црвенка (Rubeоla), инфекции предизвикани од хуман папилома вируси (HPV), инфекции предизвикани од ротавируси и инфекции предизвикани од Streptococcus pneumoniae за сите лица на одредена возраст согласно Календарот за имунизација.

Вакцините кои се регистрирани во С. Македонија за заштита од овие болести, се истите што се користат во европските земји. Според сајтот на Министерството за здравство безбедно е да се примаат повеќе вакцини истовремено и тоа не го нарушува одбранбениот систем на детето. Секоја вакцина треба да се прими навремено, според календарот на имунизација за да се обезбеди најдобра заштита и имунитет. Пропуштена вакцина или одложена вакцина може да го изложи детето на висок ризик од опасни болести.

Мит е тврдењето дека последиците од вакцините биле толку големи што не можат да се набројат. Кога би било така, тогаш вакцините би биле повлечени од употреба, а овие последици доколку би биле во толку голем обем и размер, би предизвикале јавна загриженост и би имало реално статистичко забележување на компликации во земјава, кое моментално го нема. Вакцината е многу побезбедна од заболувањето со која било болест. Повеќето деца немаат никакви сериозни проблеми после вакцинацијата. Вакцината, како и секој лек, може да имаат несакани ефекти. Чести несакани ефекти се болка во раката од боцкањето, температура и благо исипување. Многу ретки несакани ефекти се алергиска реакција или грчеви. Несаканите ефекти може да ги пријавите во МАЛМЕД, пишува на сајтот на Министерството за здравство за информации и разбивање митови околу вакцинацијата кај децата.

Хроничните болести, наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме исто така не се предизвикани од вакцини. Во објавата што ја рецензираме се тврди дека ковид вакцините предизвикале тешки последици и смртност и дека тоа се криело, а не се нуди ниеден доказ. Наспроти тоа, МАЛМЕД располага со информации за пријави од несакани ефекти. Поради сите горенаведени факти, оваа објава на Фејсбук ја оценуваме како невистинита. Вакцинацијата не е сатанистичка мисија наменета против возрасните граѓани над 65 години и децата, ниту пак, предизвикува хронична болест, жртви со последици и не е генетска инјекција, туку придобивка на медицината која спасува милиони животи секоја година.

Акцијата на Министерството за здравство е со цел граѓаните да добијат точни и проверени информации и да не станат жртви на дезинформации поради кои би се ставиле себеси или својата околина и децата во ризик од болест.