„Електро-акустичен доручек“ во Жданец – музички настан во природа

И ова застапување на широк дијапазон на жанрови е во слободарскиот дух на овие настани, а уште една причина за нивното постоење, покрај идеолошката, е што самата музика звучи подобро во природа. Барем тоа е мојот впечаток, вели Виктор Танасковски, еден од организаторите на фестивалот

Фото: Мета.мк

Вчера се одржа настанот „Електро-акустичен доручек“ – музички настап на мала лединка во скопската населба Жданец. Како што сугерира името на настанот, беше подготвен и послужен доручек, од свежо подготвени јајца на око, летна манџа и колбаси.

На настанот настапија четири македонски музички состави. Голем дел од членовите беа споделени меѓу четирите состави, што им овозможи непрекинато да се слеат бендовите еден во друг. Први беа Lorekeepers Guild, кои свират ирска народна музика. Следни настапија Minstrel’s Gallery, кои заедно веќе 10 години свират прогресивен рок. Потоа настапи импровизирачкиот состав Improof и на крај амбиенталното дуо Алембик.

Minstrel’s Gallery во акција, фото: Мета.мк

Ова е третото издание на „Акустичен доручек“. Традицијата започна во 2017-та како соло настап на бендот Minstrel’s Gallery. Потоа се прошири и во поголемиот еднодневен фестивал наречен Синестетика, кој досега имал три изданија. Тој исто се одржува во Жданец и вклучува и ликовна уметност и фотографија.

„Првото издание беше и пробна верзија на идејата што ја имав за поголем фестивал на отворено, па така настана Синестетика во пролетта 2018. Идејата е да се избегне сè што е поврзано со институциите, како и со музичката индустрија, доколку таа кај нас воопшто постои. И двата настана се конципирани како обид за заедничко креирање слободен простор за уметничко изразување, каде секој присутен, било од публиката или од „организацијата“, зема учество и придонесува за „градењето“ на тој простор, без барање каква било помош и „поддршка“ (најгрдиот еуфемизам за финансирање) од институциите“, вели Виктор Танасковски, еден од организаторите на фестивалот, како и изведувач во три од бендовите на вчерашниот настан.

На претходните изданија на Синестетика настапувале бендови како Foolish Green, Ата, The Mole Pack како и диџеите од Скопски грув. Имало и театарски претстави и проекции на филмови на млади режисери. Публиката отсекогаш била вклучена, во форма на заеднички уметничко платно како и отворени џем сесии на кои секој од публиката може да се приклучи да свири.

На секое издание, дали од мал „доручек“ до поголемата „Синестетика“, преовладува чувство на заедништво.

Атмосферата на Синестетика #3 во 2022 година, Фото: Мета.мк

„И ова застапување на широк дијапазон на жанрови е во слободарскиот дух на овие настани, а уште една причина за нивното постоење, покрај идеолошката, е што самата музика звучи подобро во природа. Барем тоа е мојот впечаток“, дополнува Танасковски.

Патот до фестивалот Синестетика, фото: Мета.мк