Екологистите бараат Владата да каже кој е стратешкиот партнер за фабриката за отпад во Неготино

Фото: Архива на Мета.мк

Граѓанскиот инспекциски совет и еколошките активисти од О2 Иницијатива бараат Владата да ги каже сите детали за најавената стратешка инвестиција во фабрика за отпад во Неготино. Екологистите се незадоволни што информациите протекуваат парцијално и од различни извори, а многу често се и спротиставени меѓу себе.

Од Испекцискиот совет велат дека проблемите со депониите во Македонија веќе се огромни и загрозувачки и за граѓаните и за целиот жив свет, а на земјата ѝ треба нивно брзо и ефикасно решавање, но, не по секоја цена и преку ризични и брзоплети зафати, туку со примена на докажани методи и технологии кои се одржливи и пријателски за животната средина.

„Во врска со најавената изградба на фабрика за отпад во Неготино како стратешка инвестиција, во јавноста допреа различни и сосемa спротивставени информации. Од една страна се официјалните информации дека се работи за современ, еколошки и безбеден, веќе применет модел на управување со отпад, а од друга страна се слушнаа критики за кредибилноста на инвеститорот како правно лице, на стручниот советник кој наводно стои зад техничкиот дел од проектот, но и за проектот во целост“, вели Лилјана Поповска од ГИС.

Таа посочи дека екологистите бараат средба во Владата на која сакаат да ги разјаснат сите дилеми околу инвеститорот и со какви гаранции го докажува својот кредибилитет, типот на отпад што ќе се третираи со каква технологија како и потенцијалните закани за животната средина во поглед на испуштања гасови, течен исцедок и пепел.

„Како граѓански активисти бараме целокупната македонска јавност да ги дознае сите детали од планираната стратешка инвестиција, зашто тоа е наше право според Архуската конвенција“, вели Поповска.

Активистката на О2 Иницијатива, Невена Георгиевска, која е и координаторка на работната група за отпад во Советот, вели дека очекуваат транспарентност за проектот бидејќи еколошките активисти и целата јавност имаат право на тоа.

„Не сакаме да има недоречености и отворени прашања за да се шират шпекулации, отвореноста е добра и за јавноста и за Владата. Го бараме точното име на странскиот инвеститор бидејќи за компанијата за која веќе слушнавме, Грин инвестментс, не можеме ништо да пронајдеме на интернет. Исто така сакаме да знаеме колку овој проект ќе ги чини и граѓаните“, вели Георгиевска и посочува дека бараат одговори од Владата, но иницирале и средба со компанијата во Неготино.

Како што веќе пишуваше Мета, на последната седница Владата одлучи друштвото за трговија и услуги „Зока енерџи солушн увоз“ од Неготино, за проектот „Фабрика за производство на зелена енергија“, да добие статус на стратешки инвестициски проект. Фабриката, според најавите, ќе обработува и согорува отпад, а инвеститирот од Луксембург ќе инвестира 336 милиони евра.

Премиерот Зоран Заев најави дека проектот нуди трајно решение за 74 отсто од отпадот од целата територија на државата чија енергија ќе се претвора во топлинска. Според Заев станува збор за инсенератор кој ќе работи без оџак како затворен систем на издувни гасови, фабриката ќе треба да го реши загадувањето од отпадот од дивите депонии и да ја спречи емисијата на отровни гасови, загадувањето на почвата и на подземните води, а ќе нема ниту неконтролирани пожари.