Екологистите бараат ревизија на законот и заштита на Шара од нови мали хидроцентрали

Фото:Petrovnik / CC BY-SA

Граѓански организации бараат од Министерството за животна средина да направи ревизија на законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, бидејќи, како што велат, предложениот не нуди заштита од негативното влијание на малите хидроцентрали. Екологисти од 44 здруженија и иницијативи, со заеднички став, побараа и од министерот Насер Нуредини во меѓувреме, додека траат администратиувните процедури, да ја стави Шар Планина во привремена заштита, за да се спречи понатамошно уништување на природата и живиот свет.

Тие до министерството упатија заеднички коментари во врска со Нацрт-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк во кои посочуваат дека доколку се усвои онака како што е предложен, овој закон ќе овозможи изградба на нови мали хидроцентрали на Шара во услови кога негативното влијание од постоечките хидроцентрали врз природните вредности, но и животот на локалното население, силно се чувствува.

„Доколку се реализираат зацртаните планови, во идниот национален парк ќе има најмалку 40 мали хидроцентрали. Имајќи предвид дека врз основа на овој закон ќе се изработи Планот за управување со националниот парк, а кој се донесува за период од 10 години – Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, наместо долготрајна заштита, може да обезбеди законска рамка за долготрајно уништување. Со намера да спречиме усвојување на закон кој ја остава отворена вратата за продолжување на уништувањето на Шар Планина, се здруживме 44 граѓански здруженија и иницијативи и испративме заеднички коментари до Министерството за животна средина, кое има законска обврска истите да ги земе предвид“, се вели во соопштението на организациите.

Тие потсетуваат дека Министерството и Владата поддржуваат Програма која предвидува забрана за изградба на мали хидроцентрали во заштитени подрачја, а ревидираниот закон треба да е усогласен со оваа определба, како и со други стратегии и извештаи кои, исто така, предвидуваат крај на уништувањето на природата од страна на проектите за мали хидроцентрали.

„Се надеваме дека низ заедничките напори ќе влијаеме врз нашите институции да донесат закон кој реално ќе ја заштити природата, ќе го подобри животот на граѓаните, ќе го подигне на повисоко ниво почитувањето на нашите законски права и спроведувањето на законите, односно навистина ќе ја приближи земјата до стандардите и политиките на Европската унија“, велат од граѓанските организации.

Барањата до министерството и до Нуредини ги упатија организациите „Фронт 21/42“, Центарот за Еколошка Демократија Флорозон, Центар за истражување и креирање политики – ЦИКП Скопје, Здружение Рурална Коалиција, Здружение Национален Ромски Центар, Еко Логик, Зелен Институт, ГЕОСФЕРА – Битола, Новинари за човекови права, Балканска Водна Мрежа, РАДАР, Асоцијација за демократски иницијативи АДИ, Младински Културен Центар – Битола, Институт за демократија, Институт за комуникациски студии, Гоу Грин, ЕКОЗВОН, Планетум, Федерација за планинарство на Северна Македонија, Иницијатива #НеБидиЃубре, Здружение на граѓани Грин. Орг, GO REC Severna Makedonija, Охрид ЅОЅ, Е.Д.Е.Н., Fridays for future, Young Friends of the Earth Macedonia Коалиција за Животна Средина, Ековита од Неготино, СФЕРА Интернешнл од Битола, ВИЛА ЗОРА, ГВ ЕКО од Гостивар, Достоинствен Работник од Прилеп, Македонско Здружение на млади правници од Скопје, Јуридика од Скопје, Еко Герила од Тетово, Организација на потрошувачи од Кочани, Ромски Ресурсен Центар од Скопје, Фондација за локален развој и демократија ФОКУС, Малеш Нет од Берово, Здружение на судска администрација од Скопје, Мотиво од Куманово, ЕГРИ од Крива Паланка, „Ромско Јато“ од Битола, АРНО од Скопје и Промени се (Changemakers4all) од Гевгелија.