Институциите не го почитуваат ветувањето да се забрани изградба на мали хидроцентрали во заштитените подрачја, со што се нанесува штета на природата и на здравјето на луѓето, а за тоа некој мора да поднесе одговорност, реагираат од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“.
Реакцијата следува по информациите од управата на Националниот парк „Шар Планина“ дека минатата недела биле стопирани вработени во приватни фирми кои вршеле мерења на теренот, заради продолжување на изградба на две мали хидроцентрали на реката Пена.
„Програмата на Владата јасно и недвосмислено предвидува забрана за изградба на мали хидроцентрали во заштитени подрачја и национални паркови. Ова ветување е повеќекратно прекршено, а најновиот пример е во Националниот парк Шар Планина. Дополнително, Стратегијата за развој на енергетиката јасно укажува дека малите хидроелектрани не треба да се градат во заштитени подрачја“, велат од „Еко свест“.
Енергетската заедница отвори случај против нашата држава за прекршување на договорот за приклучување кон Енергетската заедница на ЕУ поради неспроведување на законската обврска за оцена на влијанието врз животната средина.
Како резултат на отворениот случај пред Советот на Европа против Македонија за наводното прекршување на Бернската Конвенција, беа усвоени препораки кои бараат од нашата држава да ги раскине концесиите за мали хидроцентрали во заштитените подрачја и да не дозволува изградба на вакви проекти во иднина. Во 2022 година акцентот се стави на хидроцентралите во Националниот парк Маврово, каде се побара раскинување на концесиите за Жировница 5 и 6 и Рибничка.
„Пред само два дена бевме сведоци на ново прекршување со продолжување на концесиите за хидроцентрали во Националниот Парк Шар Планина, при што реагираа и од управата на паркот. Очигледно е дека и ветувањето за забрана за мали хидроцентрали и обврската за нивно откажување не се почитуваат од нашите институции. Со ваквите постапки се нанесува директна штета на природата и здравјето на луѓето, а за тоа некој мора да поднесе одговорност“, вели Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“.
Од организацијата предупредуваат дека непочитувањето на националните и меѓународните обврски за заштита на животната средина од страна на нашите институции ќе доведе до днеповратно уништување на нашата природа и водни богатства. Посочуваат дека економскиот развој може да оди заедно со заштитата на животната средина, без меѓусебно да се исклучуваат, но изградбата на хидроцентрали во најзаштитените и највредните наши природни подрачја е неприфатливо и неосновано бидејќи тие проекти не носат придобивки, туку само причинуваат неповратна економска и еколошка штета за целото општество.
На најновите настани реагираа и од управата на Националниот парк од каде велат дека Министерството за животна средина во март годинава го продолжило рокот на две компании за изградба на две мали хидроелектрани на реката Пена, пред да биде усвоен планот за управување на паркот и без да се побара мислење од управата. Од таму апелираат институциите да не поддржуваат изградба на енергетски објекти, туку да најдат начини да ги стопираат.
„Изградбата на планираните мали хидроелектани Пена 84 и Пена 85 во Лешничката долина не е добредојдена. Ова е срцето на Шар Планина, најпосетуваното место на Шарпланинскиот масив поради својата биолошка и пределска вредност. Во интерес на благосостојбата на луѓето и природата очекуваме да бидат изнајдени решенија за раскинување на договорите за овие објекти, а сите останати постапки да бидат веднаш стопирани“, стои во апелот од НП „Шар Планина“.