Едукативна програма ќе развива вештини кај девојки и жени од истокот на државата

На конкурсот може да се пријавуваат млади жени и девојки од 21 до 29 години од Источниот регион, односно од општините Кочани, Пробиштип, Виница, и Чешиново-Облешево

Фото: Kelly Sikkema на Unsplash

Во тек е повик за пријавување за учество во едукативната програма „Girls power“, која ја спроведува „Асоцијацијата за инклузивен и одржлив развој“ – СИГА. Инклузивната и едукативна програма е наменета за млади жени и девојки од Источниот регион на Македонија.

Програмата ќе се реализира во форма на интерактивни работилници и сесии кои се состојат од вежби низ кои учесниците ќе може да се стекнат со вештини и знаења кои во иднина ќе може директно да ги применуваат во различни ситуации при носење на важни одлуки, но и во работењето и менаџирањето на процесите и тимовите. Секоја од учесничките кои ќе ги следат обуките на крајот ќе добијат пари кои ќе треба да ги искористат за спроведување на своја општествена акција.

На конкурсот може да се пријавуваат млади жени и девојки од 21 до 29 години од Источниот регион, односно од општините Кочани, Пробиштип, Виница, и Чешиново-Облешево.

Документите за пријавување во форма на биографија со наведени лични контакти и мотивациско писмо треба да се пратат на електронската пошта: [email protected] со назнака “Пријава за програмата ,,Girls power”.

СИГА ги охрабрува да се пријават млади девојки со попреченост, со ограничени можности, во ризик од миграција, самохрани мајки, девојчиња Ромки, како и жртви на сите форми на насилство.