Една третина од младите доживеале насилство на Интернет, алармира УНИЦЕФ

Над 40 отсто од децата и од младите веруваат дека инсититуциите не го сфаќаат сериозно проблемот, соопшти УНИЦЕФ по повод меѓународниот ден за побезбеден интернет

Фото: Image by natureaddict from Pixabay

Една третина од децата и младите кои учествувале во анкетата на „U-Report“ за безбедноста на Интернет изјавиле дека доживеале булинг, а 41 отсто веруваат дека инсититуциите не го сфаќаат сериозно проблемот, соопшти УНИЦЕФ по повод меѓународниот ден за побезбеден интернет.

Според последните податоци практично сите млади на возраст од 15 до 24 години во Македонија користат Интернет и речиси сите (97 отсто) го користат секојдневно по неколкупати.

Долгото време што децата го поминуваат на виртуелните платформи може исто така да ги направи поранливи на сајбер-малтретирање и други форми на насилство од врсници, говор на омраза и изложеност на штетни содржини – во кои спаѓаат и пораки со кои се поттикнува самоповредување, па дури и самоубиство.

„Најалармантна е зголемената закана од сексуална злоупотреба и експлоатација, вклучувајќи грабнување и трговија со деца. Според податоците од истражувачкиот проект „Disrupting Harm“ се проценува дека милиони деца биле жртви на онлајн сексуална експлоатација и злоупотреба во тринаесетте земји учеснички во истражувањето од 2020 година“, велат од УНИЦЕФ. 

Од организацијата препорачуваат родителите да бидат оспособени за разговор околу чувствителни прашања со своите деца, а властите да обезбедат системи за заштита на правата на децата на Интернет.

Тие додаваат дека заштитата на децата од онлајн-насилство налага холистички пристап, синергија меѓу јавниот и приватниот сектор, како и вклучување и учество на младите.

„Неопходна е соработка меѓу секторите здравство, образование и заштита за да се реализира образовна програма за децата и родителите, вклучително и пристап до телефонска линија за помош, а службите во сите сектори треба да бидат информирани за доживената траума на децата со цел стручните лица да бараат предупредувачки знаци на насилство и соодветно да реагираат“, се вели во соопштението.

УНИЦЕФ ги охрабрува младите да учествуваат во новата анкета, за да ги споделат своите мислења и искуства онлајн, како и да дознаат повеќе за своите права во дигиталната средина и да се здобијат со практични знаења за тоа како да бида безбедни онлајн.