Дрвата се најголем загадувач, а на нив се греат 40 отсто од градските и над 80 отсто од руралните домаќинства

Фото: Арбнора Мемети

Дрвото е најголем загадувач на воздухот во градовите, особено во зимските месеци, сепак, најголем дел од домаќинствата, особено оние од руралните средини, го користат овој енергенс за затоплување на своите домови. Огревното дрво во земјава се употребува кај околу 40 проценти од домаќинствата во градовите и кај 85 проценти во руралните општини. Екологистите и експертите за климатски промени препорачуваат надлежните да донесат поактивни мерки со кои граѓаните целосно ќе престанат да го користат дрвото и јагленот за затоплување и ќе се преориентираат кон чисти енергенси.

Иако во последниве години се актуелизира темата за загадувањето и таа е во фокусот на дејствување на повеќе граѓански организации, проблемот сѐ уште е далеку од решен, беше посочено на конференцијата на Националната конвенција за ЕУ во РСМ, (НКЕУ-МК) на тема: „Аерозагадувањето од аспект на загревањето на домаќинствата и јавните установи“.

„За зголемената загаденост на воздухот во РСМ одговорни се и институциите и индивидуите. Потребно е зголемување на јавниот интерес и на свеста за оваа тема што е од витално значење за секоја држава. Системот на греење зависи од ресурсите и од културата на живеење во секоја држава. Дрвата и јагленост се карактеристични горива за 19. век, а тие сѐ уште значително се користат во македонските домаќинства. Прашањето е дали има и доволно шуми за да ги апсорбираат штетните честички во воздухот што се создаваат од нивното согорување“, посочи Милена Ѓуровска, национален координатор на НКЕУ-МК и претседател на Европско движење ЕМ-МК, која нагласи дека здравата животна средина, чини пари.

Но, колку повеќе се одлагаат мерките за заштита, цената што ќе треба да се плати за здравјето ќе биде повисока, посебно сега во време на пандемија.

Александар Дединец, научен соработник, посочи дека во Источно европските земји и на Балканот, особено РСМ и БиХ, имаат најлош квалитет на воздухот и концентрација на ПМ честички, што го голема мера, е тесно поврзано и со финансиските средства на домаќинствата. Дединец во презентацијата посочи дека над 30 отсто од заболувањата во земјите од Источна Европа се поради загадениот воздух, а во западниот дел од Европа тој процент изнесува 15.

„Загадениот воздух со ПМ 2,5 честичките е четвртиот најголем убиец во РСМ, поради кој на годишно ниво умираат 3.000 граѓани. Во 2005 година нивната концентрација изнесувале 104 мг/м3, а од 2019 година наваму, на годишно ниво се намалени за 3 пати. Сепак, тие се над дозволените граници, според СЗО“, рече Дединец.

Ана Чоловиќ -Лешоска од „Еко свест“ рече дека е неопходно во државава да се воспостави систем на редовен мониторинг за мерење на квалитетот на воздухот, а не граѓаните сами да прават мерења на своја рака, и секаде каде што е можно да се постават сензори за сулфур, озон и азот.

„Податоците мора да се знаат во јавноста за да се алармираат граѓаните поради здравствените последици. Потребни се поголеми стимулации и субвенции за елиминирање на дрвото и на мазутот за затоплување на домовите и на јавните објекти во урбаните средини и поголемо користење на чисти извори за топлење, како што се сончеви колектори. Субвенциите од државата засега се недоволни“, рече таа.

Експертите за животна средина препорачуваат: да се воведе законска забрана за согорување на јагленот и на дрвото како енергенси во урбаните средини, преку поголемо субвенционирање на замената на енергенсите на затоплување, Градот Скопје да воспостави план за затоплување по зони, да се усвои дефиниција за енергетска сиромаштија и да се донесат посебни програми за поддршка на сиромашни домаќинства, да има поедноставни процедури за домаќинства за поставување на фотоволтаични панели на покриви, да се формира Фонд за животна средина и друго.