fbpx

Драматична неизвесност ден пред грчкиот референдум

-

Вознемиреност, неизвесност и агонија владеат во Грција на само еден ден пред гласањето за референдумот на кој граѓаните ќе треба да одлучат дали да ѝ дадат поддршка на владата или да побараат од неа да стегне заби и да прифати дел од европските притисоци за да не се наруши дополнително грчката финансиска стабилност.

Народот е поделен и како никогаш досега невозможно е да се предвиди каков ќе биде резултатот од гласањето. Секој глас може да направи промена и да ги измени резултати. Анкетите во весниците покажуваат дека ќе има вистинско дерби бидејќи разликата меѓу оние кои ќе гласаат за мерките и оние кои се против нив не е поголема од 1 отсто. Поголемиот дел од анкетите покажуваат благо водство на гласовите „за“ мерките.

Според анкетата на весникот „Авги“, кој важи за наклонет кон владејачката СИРИЗА, 43 отсто од народот ќе гласа против мерките и во знак на поддршка на владата, додека, пак, 42,5 отсто ќе гласаат за мерките. Резултатите од анкетата за телевизијата „Мега“ покажуваат дека за малку водат гласачите кои ќе се одлучат за мерки, односно 44,1 отсто од испитаниците се изјасниле дека се за мерките, а 43,7 проценти одговориле дека утре ќе гласаат против. Истражувањето на весникот „Прото тема“, пак, покажува дека 41,7 отсто ќе гласаат позитивно, додека силно „не“ против мерките и притисоците од ЕУ ќе кажат 41,1 отсто од испитаниците.

Анекетите го рефлектираат целиот страв и агонија која постои кај грчките граѓани, односно неизвесноста што ги чека од понеделник, по референдумот. Многумина се двоумат што да изберат. Разочарани се од владата која ја гласале и која се надеваа дека како нова сила ќе направи некаква промена, но сè уште не се сигурни дека сакаат да гласаат за насоката во која ЕУ предлага да се движи грчката економија.

Вознемиреноста, загриженоста и разочараноста до кој степен се доведени по пет години строги мерки за штедење може да се прочита во нивните лица додека чекаат во долгите редови пред банкоматите. Редиците не се намалуваат во ниедно време од денот и од ноќта. Низ цела Атина дури и по полноќ големи групи граѓани стојат и чекаат да ги подигнат дозволените 60 евра дневно, несигурни дали следната недела воопшто ќе го имаат „лукусузот“ да извлечат и толку од грчките банки, кои се шпекулира дека полека пресушуваат и без некаков договор со Европа нема да може да отворат следната недела.

Последен драматичен удар за грчкиот народ дојде од весникот „Фајненшал тајмс“, кој тврди дека грчката влада има таен план за кратење на 30 отсто од сите банкарски депозити поголеми од 8.000 евра, мерка која доколку се оствари ќе ги намали заштедите на огромен број грчки семејства. Весникот потсетува дека кога на Кипар се случуваше истата ситуација како сега во Грција, кратењето на депозитите се однесуваше само на тие поголеми од 100.000 евра. Претседателката на Унијата на банки, Лука Кацели ја демантираше објавата, тврдејќи дека се работи за целосно неточни информации. Кацели додаде дека насоката во која ќе се движат банките за да може непречено да отворат, работат и да им излезат во пресрет на граѓаните ќе се одлучува в понеделник според заклучоците кои ќе ги донесе Европската централна банка.

Грчкиот министер за финансии, Јанис Варуфакис, и понатаму уверува дека нема да има никаков проблем со отворањето на банките, односно дека ден по референдумот премиерот Алексис Ципрас ќе замине за Брисел и во рок од 48 часа ќе биде постигнат договор.

Премиерот Ципрас во еуфоричниот петочки масовен протест пред референдумот гласно побара од народот да гласа против мерките, заканите, изнудите и притисоците.

– Заканите се поразени, народот ќе напише историја – изјави Ципрас обраќајќи се пред илјадниците грчки граѓани на Синтагма излезени во поддршка на одлуката на владата. Премиерот побара народот да остане обединет во овие моменти. Истакна дека со референдумот и гласот „не“ ѝ се дава шанса на демократијата да се врати назад во местото каде е родена.

– Ќе победиме бидејќи правдата е на наша страна – истакна Ципрас.

Наспроти неговите апели народот да гласа не, мнозинството од медиумите преку своите пораки и насловни страници бараат од народот да гласа за мерките за Грција да избегне нови перипетии.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Амнестијата за „Хашките случаи“ е направена во 2011 година од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ

Во јули 2011 година Собранието со гласовите на тогашното владејачко мнозинство изгласа амнестија за четирите „Хашки случаи“. Тогаш парламентот со 63 гласа „за“ и 29 „против“ (опозициски пратеници) го усвои...