fbpx

ДПИ: 250 контроли и шест изречени казни за трговци што не продаваaт леб до 33 денари

-

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) на 4 март изврши повеќе од 250 надзори и контроли на територија на цела Македонија и констатира прекршувања на одлуката на Владата за цената на лебот кај шестмина трговци, кои добија прекршочни казни во вкупна висина од 960.000 денари, соопштија во Инспекторатот.

„Она што е утврдено од надзорите и контролите е дека поголем број од трговците ги почитуваат одлуките на Владата. Леб се продава од 28 до 33 денари, зависно од грамажата и градот во кој се вршени надзорите и контролите, a трговците на големо и мало со прехранбени производи, генерално ја почитуваат обврската да го произведуваат и да го ставаат во промет лебот опфатен со одлуката на Владата, во количина од најмалку 80 отсто од производството на овој леб во месец декември 2022 година“, информираат во ДПИ.

Инспекторатот, велат оттаму, и понатаму интензивно ќе спроведува контроли и надзори по одлуките на Владата.

„Нема да има отстапувања и ќе биде казнет секој оној кој пробал на било каков начин да изврши прекршување на овие одлуки. Апелираме трговците да ја адаптираат цената и доставата на лебот во согласност со одлуките, бидејќи во спротивно ќе се соочат со казни кои се многу високи, и изнесуваат од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината на економскиот субјект, а во надлежност со Законот за трговија“, потенцираат во ДПИ.

Пред речиси една недела, Владата ја замрзна цената на лебот на 33 денари. Со замрзнувањето на цената, белиот и полубелиот леб сечен на парчиња или цел од 450 грама, ќе се продава за 33 денари, а под 450 грама до 33 денари по леб во сооднос со тежината на лебот. Производителите се заканија дека нема да носат леб ако се замрзне цената на лебот. По ваквата одлука, рафтовите во маркетите наменети за леб беа полупразни, но само по неколку дена, производителите од изминатава сабота одлучија да се вратат на производство и дистрибуција на овие видови леб во маркетите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...