fbpx

Доктор Никола Пановски нема ќерка директорка на Клиниката за онкологија

Микробиологот доктор Никола Пановски нема ќерка која е директорка на Клиниката за онкологија, туку има две ќерки од кои постарата е матурантка

-

Доктор Пановски нема бизнис за лекови, ниту веледрогерија, ниту пак, ќерка директорка на која било клиника. Тој има две ќерки, од кои постарата е матурантка, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се вели:

Лицемерно створење, збори за партизација на здравството (која реално постои во сите можни институции), а не го спомнува судирот на интереси што он учествува на тендери (и ги добива тие тендери) каде ќерка му е директор на таа клиника.

Во склоп на објавата се споделува фотографија од гостување на микробиологот, доктор Никола Пановски на телевизија, во коe тој изјавува дека МВР и Јавното Обвинителство требаше порано да влезат на Клиниката за онкологија, бидејќи подолг период во јавноста имаше информации за неправилности и сомнежи.

Во објавата се споменуваат бројни невистини. Најнапред, не е вистина дека ќерката на доктор Никола Пановски е директорка на која било клиника, а најмалку на Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје во комплексот клиники „Мајка Тереза“. Директорка на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во овој момент (од крајот на 2022 година) е доктор Виолета Клисаровска, а пред тоа директор беше доктор Нино Васев. Пред него директор беше доктор Милан Ристески.

Имам две ќерки. Повозрасната е матурантка, рано ѝ е за директорка, изјави за „Вистиномер“ професор доктор Никола Пановски.

Следствено, доктор Никола Пановски не би можел да добива никакви тендери од клиника каде што наводно ќерка му била директорка, бидејќи ниту има бизнис за лекови, ниту веледрогерија, ниту пак, ќерка што е директорка на која било клиника.

Инаку, Обвинителството и Министерството за внатрешни работи започнаа предистражна постапка на Клиниката за радиотерапија и онкологија, врз основа на своите законски надлежности. Тие на Клиниката за радиотерапија и онкологија испитуваат наводи за евентуално сторени кривични дела поврзани со третманот на пациенти и работата на Клиниката за онкологија.

Во континуитет сe издаваат наредби и се обезбедуваат докази кои треба да ја проверат вистинитоста на наводите изнесени во новинарските истражувања објавени во последните  недели. Во тоа целосно соработуваат и помагаат и раководството на Клиниката за онкологија, но и друг лекарски и медицински персонал. Јавното обвинителство ја уверува јавноста дека сите наводи ќе бидат до крај истражени, а сите евентуални сторители на кривични дела ќе бидат соодветно гонети. Целата постапка од првиот момент се води максимално транспарентно и со почитување на сите законски процедури, известија од Обвинителството на 4 септември годинава.

Оттаму додадоа дека биле издадени соодветни наредби за анализа на одземени компјутери и компјутерски податоци кои биле земени при претреси.

Истражните органи вршат распити на сите лица кои имаат сознанија за противправни дејствија. Основното јавно обвинителство Скопје ќе формира тим од стручни лица кои ќе ја анализираат медицинската документација за водење на пациентите и администрирање на терапијата. Министерството за внатрешни работи, како орган на откривање на сторители на кривични дела, презема и други дејствија кои во моментов не можат да се споделат со јавноста, но со директна цел – да се дојде до вистината и евентуалната кривична одговорност. Во истиот момент кога за конкретно лице ќе бидат обезбедени доволно докази за основано сомнение дека сторило кривично дело, обвинителството ќе ја информира јавноста, се посочува во соопштението.

Обвинителството апелира на воздржаност од предвремено прејудицирање за текот на постапката и за одговорност на кое било лице.

Ширењето на непроверени информации и нарушувањето на пресумпцијата на невиност може сериозно да наштети на постапката и да ги одврати сведоците да соработуваат. Јавното обвинителство ги охрабрува сите оние кои имаат сознанија во врска со овој предмет, да ги пријават на надлежните органи. Основното јавно обвинителство Скопје од претходно веќе води три постапки за изолирани случаи на обид за кражби на лекови и поткуп поврзани со Клиниката за онкологија, од кои едниот е веќе во судска постапка. И последните наводи ќе бидат детално проверени, а за сите резултати од преземените дејствија јавноста ќе биде веднаш известена, се додава во соопштението.

Поради сите горенаведени факти, објавата ја оценуваме како невистинита. Микробиологот доктор Никола Пановски нема ќерка која е директорка на Клиниката за онкологија, туку има две ќерки од кои постарата е матурантка.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Народната банка додели награди на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството

Народната банка, на денот на монетарната независност, 26 април, ја одржа годишната свеченост за доделување на наградата на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството. Овогодинешниот победник беше Никита...