Дојче веле: Ќе има ли крај на драматичниот раст на цените на енергијата?

Изградба на нова биогасна електрана во овчеполското село Сарамзалино што ќе произведува струја за 2.750 домаќинства; Извор: Влада на РСМ

Цените на енергија во 2021 година експлодираа. Греењето и точењето гориво се забележливо поскапи. Една од причините е закрепнувањето на светската економија. Но, и политиката придонесува за поскапувањата, пишува „Дојче веле“.

Заздравувањето на глобалната економија јасно се гледа по растот на цените на најважните енергенси. Колку побрзо се опоравуваа најголемите светски економии, американската и кинеската, толку побрзо растеа цените на енергија. А, тие цени во САД и во Европа доведоа до рекордни инфлации. Таквите месечни скокови на инфлација Западот ги помни како проблем од 70-тите или 80-тите години. Во Америка ноемвриската инфлација изнесуваше 6,8 отсто – што е највисока стапка од 1982 година.

Од почетокот на пандемијата, цената на природниот гас повеќекратно се зголеми. На важниот виртуелен пазар на гас во Холандија, цената на гасот за мегават-час се искачи од 17 евра, колку што изнесуваше на 4 јануари 2021 година, на 100 евра на крајот на февруари. Тоа е рекорден раст на цената, за околу 500 насто. Инаку, просечната цена со години се движеше во рамки меѓу 15 и 20 долари.

Меѓутоа, цените не се вратија на ниво пред пандемијата. На крајот на јуни годинава, се забележани цени од 60 евра, што е трипати повеќе во однос на долгогодишниот просек. Но, вчера (21.12.) цената собори уште еден рекорд – скокна на 2.004 долари за 1.000 кубици, односно на над 172 евра за мегават-час.

И нафтата во текот на годината беше сѐ поскапа. Барел нафта на крајот на 2020 година чинеше околу 52 долари. Една година подоцна, на 7 декември, цената изнесуваше 75 долари. Пред малку повеќе од месец порано таа изнесуваше дури 83 долари.

Меѓународниот енергетски форум, чие седиште е во саудискиот главен град Ријад, смета дека во втората половина на 2022 година светската побарувачка за нафта ќе го достигне нивото пред пандемијата. Единствена можност тоа да не се случи е појавата на таков сој на вирусот кој повторно би ги присилил на локдаун големите потрошувачи како што е Кина, со што нагло би се намалила побарувачката, па цените би паднале. Пекинг и натаму има стратегија целосно да ја искорени заразата и досега без колебање затвораше огромни пристаништа, фабрики и цели индустриски области, воведувајќи карантин.

Никој не знае дали цената на нафтата наредната година ќе се стабилизира на ниво меѓу 70 и 80 долари. Но, речиси ништо не навестува ниска цена на нафтата како во пандемиската 2020 година. Тогаш цената паѓаше и по 20 евра. Во еден момент, за време на целосните карантини во Кина и во Европа, нафтата за првпат во историјата имаше негативна цена – трговците покрај нафта добиваа и малку пари од произведувачите кои веќе не знаеа што да прават со производот, пишува „Дојче веле“.

Текстот може да го прочитате тука.