Денеска биле испратени рекордни 49 дојави со закани за поставена бомба во основни и во средни училишта. Министерството за внатрешни работи соопшти дека досега дојави пријави стигнале до 17 основни и 22 средни училишта во Скопје, како и до 8 основни плус еден клон на училиште и едно средно училиште во Куманово.
„Во најголем дел од училиштата во Скопје се завршени проверките и е утврдено дека станува збор за лажни дојави. За преостанатите каде што уште траат проверките ќе информираме дополнително. Во Куманово се завршени сите проверки и е утврдено дека се лажни пријави“, велат од МВР.
Во текот на денот, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски информираше дека станува збор за основните општински улилишта „11 Октомври“, „Бајрам Шабани“, „Браќа Миладиновци“, „Крсте Мисирков“, „Браќа Рибар“, „Јероним Дерада“, „Карпош“ – Умин Дол, „Кирил и Методиј“, „Кочо Рацин“ и средното општинско улилиште „Гоце Делчев“.
Од Секторот за внатрешни работи Куманово потврдија дека се направен сите потребни проверки во кумановските училишта и е утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Општина Аеродром, каде меѓу другите дојави за наводни бомби добија и основните училишта „Љубен Лапе“ и „Браќа Миладиновци“, „Александар Македонски“ и „Лазо Ангеловски“, упатија апел за смиреност и почитување на пропишаните правила и протоколи за постапување во овие случаи.
„Благодарение на брзото постапување, до сега сите дечиња се на безбедно, придружувани од своите родители или наставниот кадар. Според информациите кои ги поседуваме, во сите училишта е спроведен планот за евакуација, кој предвидува децата да бидат на безбедна дистанца од училиштата. Истовремено, родителите се повикани доколку се во можност, да ги земат своите деца од училиште“, порачаа од Општина Аеродром.
Денешната бројка на дојави е најголема досега. Вчера дојави за бомби добија 15 скопски училишта. А пред неколку дена вакви закани беа испратени и до Министерството за надворешни работи, ГТЦ, Џевахир сити, ТЦ Ист гејт, Транспортниот центар, полициската станица Беко и зградата Флатирон. До сега сите вакви дојави беа лажни.
Спасовски: Нема индиции за нарушување на безбедносната состојба поради дојавите за бомби