fbpx

Додик на 9 јануари ќе слави ден на Република Српска, регионот пред дестабилизација

Протести во Сараево, честитки од просрпски и проруски политичари од регионот и најави за нов распламтувачки говор на Додик се досегашните очекувања од настанот што задутре ќе се одржи во Босна и Херцеговина

-

Претседателот на босанскиот ентитет Република Српска, Милорад Додик на 9 јануари планира да организира прослава на, како што вели, денот на основање на Република Српска. Протести во Сараево, честитки од просрпски и проруски политичари од регионот и најави за нов распламтувачки говор на Додик се досегашните очекувања од настанот што задутре ќе се одржи во Босна и Херцеговина.

Стотици граѓани во Сараево вчера се собраа на протестот против прославата на 9 јануари во ентитетот Република Српска. Протестот беше во организација на Форумот на млади при асоцијацијата на независни интелектуалци „Круг 99“. Протестот почна пред Башчаршија а заврши пред претседателството на БиХ, при што насобраните лица потсетија дека босанскиот Уставен суд го прогласи денот на Република Српска за неуставен празник.

Учесниците на протестот побараа адекватен одговор на босанските власти на најавената прослава на неуставниот ден во Република Српска, пренесува весникот Данас. Инаку, босанскиот Уставен суд во три наврати донесе одлука дека денот на Република Српска е неуставен, додека Венецијанската комисија го прогласи неговото прославување за дискриминаторско.

Милорад Додик упати покани до просрпските политичари во регионот за да присуствуваат во Република Српска на настаните што на 9 јануари ќе ги организира тамошното раководство. Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ ја одби поканата за присуство, а ваква реакција денеска пристигна и од претседателот на Собранието на Црна Гора, Андрија Мандиќ.

Мандиќ соопшти дека на 9 јануари имал семејна слава и поради тоа немало да отпатува во Бања Лука. Сепак, Андрија Мандиќ од Цетиње му го честиташе денот на основање на Република Српска на Милорад Додик и на српскиот народ, пренесува подгоричкиот весник Побједа.

Во меѓувреме, српскиот претседател Александар Вучиќ во денешната божиќна честитка до граѓаните на Србија, не пропушти да ги спомене и жителите на Република Српска и Косово. Во својата порака, Вучиќ изјави дека Република Српска никој не може да ја укине, пренесува весникот Ослобоџење. 

Вучиќ истовремено во божиќната порака го честиташе и 9 јануари – денот на Република Српска.

„Среќен празник на сите, особено на нашиот страдалнички народ на Косово и Метохија и нашиот народ во Република Српска кој задутре го прославува својот празник и својот ден“, изјави Вучиќ.

Инаку, 9 јануари е контроверзен датум за Бошњаците и Хрватите во Босна и Херцеговина. Денот на основањето на Република Српска претставува датумот на почетокот на војната во БиХ, како и почеток на етничкото чистење, воените злосторства и геноцидот над несрпското население во Република Српска. Овој празник го оспоруваат ЕУ и Канцеларијата на високиот претставник во БиХ, бидејќи истиот претставува прекршување на босанскиот устав и Дејтонскиот договор.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...