„Доаѓаме со поклон“ изложба со феминистички наратив од Шејла Камериќ

Фото: Тиииит! Инк

Уметницата Шејла Камериќ утре (27 септември) во просториите на Чифте амам ќе ја претстави самостојната изложба насловена „Доаѓаме со поклон“.

Отворањето ќе започне во 19:00 часот, а притоа ова е прв пат Камериќ да изложи свои дела во С. Македонија.

Претставувањето на делото на Шејла Камериќ во Скопје го разгледува долгогодишното портретирање на жените како вештерки и/или предмети.

„Алудирајќи на добро познатите тематски интереси на радикалниот феминизам, социјалистичкиот феминизам и постструктуралистичките гледишта, изложбата има цел да расветли обични, домашни и познати секојдневни елементи и да им даде акцент на проблемите на кои обично не им обрнуваме многу внимание. Централното дело прикажува необично долга, тенка црвена ткаенина што почнува како типичен украс – панделка од женската долна облека и завршува така што ја заплеткува публиката со својата сопствена материјалност“, се вели во најавата.

Куратор на изложбата е Наталија Пауниќ. Во рамките на отворањето, програмата предвидува и разговор со Шејла Камериќ. Разговорот ќе го води кураторот, историчар и теоретичар на уметност и култура од Белград, Бранислав Димитриевиќ, но се разбира, како што информираат организаторите, Камериќ ќе биде отворена и за прашања и коментари од посетителите на изложбата.

Шејла Камериќ живее и работи во Берлин, Истра и во Сараево. Студирала на Уметничката академија во Сараево. Се занимава со теми што произлегуваат од нелинеарни историски наративи и лични приказни. Камериќ се фокусира на политиката на сеќавањето, облиците на отпор во човековиот живот и на особеностите со кои резултира борбата на жените.

Изложбата е во организација на КРИК – фестивалот за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО, а се реализира во соработка со Националната галерија.