Доаѓа нова серија за „Хари Потер“, ќе се прикажува десет години

Според најавата на продукцијата, секоја сезона од серијата ќе биде снимена според оригиналните книги на писателката Џ.К. Роулинг, која и самата ќе биде помеѓу извршните продуценти

Фото: Видео на „HBO Max“ на Јутјуб / Принтскрин

Продукцијата „Ворнер Брос Дискавери“ (Warner Bros. Discovery) соопшти дека работи на серијал за „Хари Потер“ за својата нова стриминг услуга наречена „Макс“. За развојот на серијата се шпекулираше до неодамна, а информацијата сега е и официјално потврдена од продукцијата, пишува „Врџ“.

Во соопштението се вели дека тоа ќе биде „децениски-долга серија произведена со истиот епски занает, љубов и грижа по која е позната оваа глобална франшиза“.

Серијата ќе има нова актерска екипа која ќе ги игра омилените ликови како Хари, Хермајони, Рон, професорот Дамблдор.

Според најавата на продукцијата, секоја сезона од серијата ќе биде снимена според оригиналните книги на писателката Џ.К. Роулинг, која и самата ќе биде помеѓу извршните продуценти.

Авторката беше силно критикувана поради нејзините навредливи коментари кон трансродовата заедница, но серијалот и понатаму останува популарен. Неодамна објавената видеоигра „Хогвартс Легаси“ (Hogwarts Legacy) продаде неверојатни 12 милиони примероци само во текот на првите две недели по лансирањето.

Оригиналните филмови кои произлегоа во периодот помеѓу 2001 и 2011 година, пак, и понатаму ќе бидат достапни за гледање на глобално ниво, и покрај новата серија во развој.