Министерот за надворешни работи Никола Димитров смета дека нашата земја со Бугарија споделува заеднички цели и оти ќе се изнајде пат, со меѓусебно пријателство и почит, да се решат проблемите кои избија во последниот период.

– Убеден сум дека со Бугарија споделуваме крупни заеднички цели. Како соседи што потпишаа Договор за пријателство, кој допира и до многу деликатни и емотивни прашања за двете страни во смисла на историјата, убеден сум дека ќе најдеме начин низ почит кон другиот и пријателство да не ги загрозиме овие важни цели – рече министерот Димитров, одговарајќи на новинарско прашање дали се реални заканите од бугарска страна за блокирање на процесот на добивање датум за преговори доколку не биде постигнат договор околу Гоце Делчев.

На прес – конференцијата по средбата со министерката за надворешни работи на Норвешка Ине Ериксен Сореиде, Димитров додаде дека се надева оти за прашањето ќе има прилика да разговара уште во текот на утрешниот ден во Софија, каде ќе присуствува на состанок на Црноморската иницијатива.