Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.
Босанско-херцеговскиот портал за борба против дезинформациите raskrinkavanje.ba анализираше тврдења објавени на Фејсбук, но и на некои портали, дека поставената мрежа за мобилна телефонија 5Г ги убива врапчињата. Всушност, станува збор за видеоснимка со мртви птици и тврдења дека во српскиот град Крушевац се инсталирани базни станици за 5Г, а близу една од нив имало мртви врапчиња. Видеото почнува со кадри на зграда со антени, а на крајот се прикажуваат птиците. За целото тоа време женски глас ги изнесува тврдењата опишани погоре.
Но, како што претходно наведува и FakeNews Tragač, според Министерството за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, во земјата има само една 5Г базна станица, во Научно-технолошкиот парк во Звездара, во главниот град Белград, која била наменета за тестирање, а потоа исклучена. Дополнително, антените кои се прикажуваат на почетокот на спорното видео се за сега користените стандарди за мобилна телефонија, главно за 4Г.
Што се однесува до причината за поморот на птиците, една регионална телевизија разговарала со директорката на Јавното комунално претпријатие од Крушевац во понеделникот, која рекла дека причина за смртта на птиците е невремето кое претходно се случило, кога и огромни високи стебла биле соборени,а комуналните работници нашле и мртви птици од други видови, како врани, страчки, гулаби, а не само врапчиња, пренесува raskrinkavanje.ba.