Притискаме да се испита дали има линдан во Пеленица, бидејќи не сакаме да остане дамка на тоа излетничко место, а уште помалку сакаме да имаме нетретирани хемикалии „во нашиот двор“, вели градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски во разговор за „Мета“.

Тој вели дека сите сознанија што ги има Општината се од разговори што се правени со вработени од ОХИС од минатото, но потенцира дека многу голем дел од документацијата од ОХИС повеќе не постои.

– Ние контактиравме со стечајниот управник да се види дали има некоја конкретна документација, нешто напишано. Во целосната документација за ОХИС нема никаква информација дека таму постои складиран линдан во било каков облик и форма. Целиот проблем е што поради начинот на кој што беше затворен ОХИС, голем дел од документацијата ја нема, некој во брзање не гледал што зема. Тука се изгубени и дел од документите кои што ја третирале депонијата. Според информациите на вработените, таму сигурно има депонија само треба да се испита што е ставено. За разлика од ОХИС, на оваа локација нема направено базени и бурињата се ставани директно во земја со тоа што, како што бев информиран, процесот на распаѓање на бурињата е многу побрз отколку во тие во базените во ОХИС – вели Темелковски.

Дивата депонија е спомната и во Локалниот еколошки акционен план (2016-2021) за Кисела Вода, каде што е констатирано дека постои но дека не се знае како е складирана токсичната материја.

„Еден од поголемите проблеми на животната средина во општината Кисела Вода, а може да се каже и на територијата на Македонија, кои досега не се евидентирани и обработени, претставува индустриската депонија на хемиската фабрика ОХИС и Стакларница Скопје на локалитетот Пеленица. Имено, во последните 40 години кога хемиската индустрија работеше со полн капацитет, големи количини на хемиски отпад со голема токсичност беше складиран на оваа локална депонија. Во периодот на изработка на ЛЕАП, општината не располага со потврдени податоци дали отпадот складиран пред повеќе години на оваа локација, се наоѓа сè уште во металните буриња плитко закопани под земја, или истите се излеани и претставуваат закана за подземните води и поширокиот регион. За таа цел потребно е да се направат темелни истражувања и студија со која би се дефинирала состојбата, би се направила проценка на ризикот и би се предложиле мерки за санација на евентуално настанатите штети“, стои во ЛЕАП.

Темелковски вели дека ЛЕАП-от бил објавен во 2016 година за време на владеењето на претходната локална власт.

– Јас имав разговор со службите кои што го напишале ЛЕАП-от и тие ги добиле информациите од дел од вработените во ОХИС. Сметам дека и тоа во тој момент било малку несериозно направено од страна на општината па и од државата. Кога веќе е констатирано, требало некој да се зафати да го испита тоа – вели тој.

Градоначалникот вели дека општината ја нема потребната механизација и кадар да истражи што точно има на таа локација.

– Доколку не дај боже се потврди дека има, одма ќе излеземе во јавност. Сепак ние немаме до толку стручни служби кои може да ни кажат кои се следните чекори или кои може да констатираат што и како има на лице место. Не сакаме да дигаме паника, но ќе испратиме допис до Министерството за животна средина, што побрзо да се констатира фактичката состојба – вели Телекмовски.

Тој за „Мета“ потврди дека Владата формирала работна група чие задолжение е да испита што има во Пеленица, но дека Општина Кисела вода не е дел од таа група туку дека се вклучени неколку ресорни министерства.