Екстремни температури, пожари, поплави, огромни температурни разлики кои се менуваат за само 24 часа се само дел од работите на кои сведочиме, а се дел од климатските промени со кои се соочува светот, нешто што со текот на времето треба да стане „новото нормално“, нешто на што луѓето треба да се прилагодат, но и да ги знаат евентуалните последици врз здравјето, за да можат да се заштитат.
Експертите се согласни дека глобалното затоплување ќе го смени начинот на живеење на луѓето во иднина, особено поради континуираното експонирање на повисока температура и топлина, а тоа несомнено ќе се одрази врз можноста за престојување во надворешната средина.
Во однос на тоа како климатските промени влијаат врз човековото здравје, но и за она на што треба да внимаваат хронично болните лица, особено луѓето со хронични кардиоваскуларни заболувања, разговаравме со д-р Маја Шушевска, интернист-кардиолог, која вели дека временските промени и непогоди имаат негативен ефект, не само врз растенијата и животните на планетата, туку особено негативно влијаат и врз луѓето. Какви ќе бидат последиците зависи од возраста, полот, географската локација и социоекономскиот статус.
„Животот во густо населени урбани средини се очекува да бидат под силно влијание на т.н urban heat island effect или ефект на топлина на урбан остров, кога урбаните површини кои ја апсорбираат топлината преку ден, истата енергија ја зрачат во текот на ноќта. Сè повеќе ќе расте бројот на засегнатите луѓе и тоа може да прерасне во потенцијален катастрофален ризик за здравјето на човекот. Иако луѓето можат да се прилагодат на постепеното зголемување на температурата, на постарите лица и бремените жени тоа им е потешко, па оттаму се можни и компликациите“, објаснува Шушлевска.
Таа вели дека високите температури имаат препознатлив ефект врз човековото здравје и можат да доведат до презагревање (хипертермија) и топлотен удар, кој се случува кога адаптационите, терморегулациони механизми на телото не успеваат да ја одржат телесната температура во физиолошки ранг.
„Тогаш доаѓа до прегревање на организмот која се манифестира со покачена телесна температура, сува и црвена кожа, забрзан пулс, главоболка, топлотна исцрпеност, вртоглавица, конфузија, губење на свеста. Критичен е моментот кога се случува оток на мозокот поради високата температура. Особено ранлива група се луѓето кои веќе имаат срцеви заболувања, па повеќе големи студии ја истражувале врската помеѓу високите и екстремно ниските температури и кардиоваскуларните заболувања и смртноста поради срцев удар, мозочен удар, срцева слабост и аритмија“, објаснува Шушлевска за Мета.мк.
Познати студии ги земаат предвид температурните перцентили, варијабилитет на температурата во текот на времето, влажноста на воздухот, воздушните загадувачи како ПМ-честичките и азотниот диоксид.
„Според студијата на американската Асоцијација за срце (АХА) за влијанието на температурните разлики врз срцевите заболувања објавена во 12/2022, физиолошките одговори на организмот спрема екстремните температури доведуваат до синхронизирани реакции на автономниот и кардиоваскуларниот систем и притоа кај возрасните и болните луѓе истите се изменети и пренагласени. Зголемениот проток на крвта и дехидратацијата со цел да се обезбеди терморегулација од една страна, а од друга страна зголемената централна температура која го засилува метаболизмот, предизвикуваат товар врз срцето кое работи засилено и забрзано. Но, загубата на водата поради потењето и евапорацијата истотака доведуваат до зголемена тромбогеност на крвта, можност за прскање на плака (претходник на инфаркт) и електролитен дисбаланс (намалување на нивото на натриум и калиум во крвта)“, вели Шушлевска.
Како илустрација, таа вели дека се смета дека речиси еден процент од смртноста поради срцев удар е резултат на високите температури, а резултати од други студии потенцираат дека за секои 5 степени температурен пораст, срцевиот удар се зголемува за 5 проценти. Температурни варијации од повеќе 25 степени, пак, се поврзани со поголем пораст на срцевите удари споредено со помали температурни варијации.
„Исто така, наглите временски и температурни промени се одразуваат и врз општото здравје кај луѓето и на нашето тело му е потребно време да се прилагоди, па затоа кога настануваат овие драматични варијации во температурата од 40 на 25 степени Целзиусови, неретко се случуваат тегоби како главоболка, вртоглавица, нестабилност, промени во крвниот притисок, болки во мускулите и зглобовите, промени во имунолошкиот систем и склоност кон респираторни инфекции. Ова особено се однесува на луѓето со хронични белодробни заболувања (хронична опструктувна белодробна болест и астма) бидејќи ваквите варијации можат да стимулираат напад на астма или влошување на опструктивната белодробна болест“, вели д-р Шушлевска.
Нејзините препораки се, кога луѓето се среќаат со екстремно високи температури, да се оптимизира внесот на течности и соли, свежа храна и да се намали временскиот период на престој на отворено, а и да внимаваме на изборот на облека.
Таа вели дека климатизацијата на затворените простории не треба да биде екстремна во однос на надворешната температура, со цел да се спречат шокови реакции на организмот. Понатаму, луѓето кои користат диуретици и лекови за притисок да се советуваат со лекарите за корекција на терапијата, да се избегнува физичка активност во периодот на екстремно високи температури дури и кај здравите луѓе и да се одмора, а сонот да биде оптимален помеѓу 7 и 9 часа.
Суровоста на климатските промени: oд невреме и поплави до екстремни горештини [инфографик]