Д-р Ивана Стојаноска: Кај нас сите се „онлајн лекари“ и не ги почитуваат советите на докторите

Фото: Eric Masur

Бројот на заболени од ковид деновиве варира, зависно од ден на ден. Новиот бран на вирусот започна со откривањето на сојот Омикрон како уште една мутација што во светот беше регистрирана кон крајот на ноември минатата година. Омикрон јавува послаба клиничка слика кај пациентите, а пред една недела властите донесаа одлука изолацијата на асимптоматските случаи да се намали за три дена, односно сега заболените лица кои се без симптоми остануваат изолирани седум дена. За тоа како се пренесува оваа варијанта на ковид, колкава опасност постои особено кај младите и на кој начин треба да се внимава за да се избегнат последиците од овој нов бран разговараме со матичниот лекар Ивана Стојаноска, доктор по општа медицина.

Во време на пандемија кога постојано се јавуваат нови варијации на болеста ковид-19 што ја предизвикува коронавирусот, колку е загрижувачка појавата на новиот сој Омикрон?

Сметам дека до сега веќе е јасно дека доколку сте вакцинирани, особено со бустер доза, новиот сој Омикрон предизвикува лесни симптоми. Омикрон варијантата нема тешка клиничка слика како Делта варијантата. Но, сепак експертите предупредуваат да се продолжи да се почитуваат правилата за заштита од вирусот, добро познатите- носење на маска, дистанца и избегнување на поголеми собири, сè со цел ситуацијата да не излезе од контрола. 

Како Омикрон се разликува од останатите?

Заклучок е дека луѓето заразени со Омикрон варијантата развиваат побрзо клиничка слика и имаат симптоми поразлични од претходните ковид соеви, налик на настинка. Периодот на инкубација е далеку покус од претходните соеви, во просек три дена дури и помалку.

Доколку едно лице се зарази, што може да очекува, кои се главните симптоми на новата мутација на коронавирусот?

Најчестите и почетни симптоми кои се среќаваат во пракса се чувство на замор, затнатост и течење на носот, кашлица и главоболка, а може да се јави болка во грлото, во поретки случаи и покачена температура. Сепак мора да се напомене дека многу ретки се случаите кога заразените губат чувство на мирис и вкус, што не беше случај со претходните варијанти.

Д-р Ивана Стојаноска, лична архива

Колку младите навистина се изложени на ризик кога се работи за Омикрон?

Оваа варијанта ги погодува и вакцинираните и невакцинираните и оние кои веќе прележале ковид инфекција. Во реални услови, младата популација нема да биде поштедена. Бидејќи ги игнорираат сите протоколи, само затоа што сметаат дека овој сој не предизвикува тешка болест и дека лесно ќе поминат, но напротив не може со сигурност да се каже тоа. Моментално, младите најбрзо го шират вирусот, бидејќи често се асимптоматски или со некој полесен симптом што не го сметаат за релевантен. По две години изолација и различни варијанти на вирусот, сите сме исцрпени и не ги почитуваме мерките до крај, што за жал е уште една причина плус за дополнителното ширење на вирусот.

Дали и колку младите а и останатите пациенти ги почитуваат препораките на лекарите?

Во ова време на пандемија на ковид е многу тешко да си млад лекар. Ние, кои секојдневно се обидуваме да направиме нешто подобро за општеството сме тие кои секогаш доаѓаме во судир со луѓе што немаат доверба во системот, ниту во здравството. Земено од тоа, многу е тешко да се каже колку и тие пациенти што ќе ги информираш и едуцираш во врска со болеста ќе ги почитуваат препораките. Добро знаеме дека кај нас сите си се „онлајн лекари“, а многу е мал процентот на тие што ќе дојдат и ќе ги почитуваат советите од лекарот, особено кога станува збор за примањето на антибиотиците поврзани со оваа варијација на ковид.

Влијанието на интернетот денес не може да се контролира, а особено во моменталната ситуација со дезинформациите кои се шират околу вирусот и лекувањето.  Дали се случува да имате пациенти кои доаѓаат „подготвени“ и информирани преку интернет, како се справувате со тоа?

Во мојата пракса, многу ретко имам паценти кои истражиле за болеста, особено не од доверливи извори. Најчесто има пациенти што си земаат лекови на своја рака, без претходен преглед или дополнителни анализи. Како и да е, двата пристапи се погрешни! Треба веднаш по јавувањето на некој симптом да се јавите на лекар, бидејќи не сè што пишува на интернет е точна и проверена информација.

Кои се главните последици што ги предизвикува Омикрон?

Болеста главно се задржува на горниот респираторен тракт. Како што кажав, повеќе има налик на настинка. Тоа се случува кај вакцинираните, но кај оние што немаат примено бустер доза, или луѓето кои претходно биле заразени со ковид, типичните симптоми се позајакнати, почеста е покачената температура и се чуствува поголем замор.

Има студии што посочуваат кон тоа дека Омикрон сојот не навлегува толку длабоко во белите дробови како претходните соеви, со тоа што може да се каже дека предизвикува почесто акутен бронхит отколку пневмонија како претходните соеви.

Дали невакцинираните лица може да имаат поголеми последици или тоа се одразува индивидуално?

Засега нема доволно податоци за тоа што предизвикува Омикрон кај невакцинираните, бидејќи досегашните истражувања се базираат претежно на млади вакцинирани лица. Податоците покажуваат дека повеќето од хоспитализираните и оние кои завршиле со смртен исход се невакцинирани. Тука морам да истакнам дека сето тоа се одразува индивидуално, но невакцинираните сами оставаат прозорец за некоја поголема последица.

Колку е препорачлива „бустер“ дозата за младите кои се вакцинирани?

Сите млади кои се претходно вакцинирани, независно дали после 3 изминати месеци од втората доза – доколку се со Синовак/Синофарм или 6 месеци- со Фајзер/АстраЗенека од последната вакцина, ги охрабрувам да се вакцинираат со бустер доза.

Тука ќе го цитирам мојот драг проф. д-р Драган Даниловски:
„Бустер дозата го подига нивото на заштита од заразување од Oмикрон за околку 50%, од хоспитализација околу 90% и од смртен исход повеќе од 90%.  За жал кај нас опфатот со бустер дозата е симболичен”.

Поради тоа, ги охрабрувам младите да бидат пример во оваа борба против пандемијата и да направиме тоа што знаеме дека функционира, да се заштитат, најпрво себе си, а со тоа и нивните блиски.

Која група на возраст е најмногу подлежна на заразување со флурон? Има ли опасност од оваа зараза?

Флурон е болест што всушност се појавува во телото кога се присутни истовремено коронавирусот и вирусот на грип-инфлуенца, за читателите на кои не им е познато.

Најпрво, важно е да се каже дека не е лесно да се утврди постоење на двата вируса без лаборатористка дијагностика. Секоја возрасна група е подложна на зараза со флурон, особено оние кои што имаат хронични болести. Нормално дека има опасност од оваа зараза бидејќи сме во период кога преовладуваат и двата вируса. Доколку лицето е веќе заразено со ковид, поспоро се развиваат симптомите што наведуваат на флурон. Досега во Македонија е регистрирано само едно лице заболено со флурон. За да се утврди самата болест потребно е да се направат тестирања во приватни лаборатории, па во овие услови е потешко да се дадат повеќе информации во врска со заразата. 

Кои се твоите препораки доколку едно лице се зарази со флурон? 

Правилен третман на истовремена инфекција со грип и коронавирус може да препише само лекар, бидејќи се работи за антивирусни лекови, имајќи ги во предвид симптомите, возраста и постоечките болести кај пациентот. Благите симптоми на флурон може да се лекуваат во домашни услови и нема потреба од хоспитализација, но доколку постојат потешки симптоми како пневмонија, важно е што побрзо да се почне со лекување и строго да се придржуваат до препораките за лекувањето. Во однос на изолацијата, важат истите правила како кај ковид вирусната инфекција.