Дитмир Бушати, министерот за надворешни работи на Албанија, на својот твитер-профил објави коментар за новиот развој на ситуацијата во Македонија, избегнувајќи притоа да ја спомене вчера соопштената одлука на македонскиот претседател, Ѓорге Иванов, да не го додели мандатот правдајќи се со „платформата составена во Тирана“.
Шефот на албанската дипломатија порача дека само луѓе исплашени од вистинските вредности може да помислат дека со Македонија може да се владее без учество на Албанците.
„Ние постојано го поттикнувавме албанскиот фактор, без разлика каде е, вклучително и во Македонија, да игра конструктивна улога и активно да учествува во демократските процеси и своите проблеми да ги решава институционално. Тие што мислат дека со Македонија може да се владее без Албанците, се исплашени од социјалната еднаквост и од европските вредности и принципи“, порача преку „Твитер“ албанскиот министер за надворешни работи, Дитмир Бушати.
Faktori shqiptar në #Maqedoni duke luajtur rol konstruktiv & marrë pjesë aktivisht në proceset demokratike do të forcojë shtetin maqedonas. pic.twitter.com/qEsNqNgvRn
— Albanian MEFA 🇦🇱 (@AlbanianDiplo) March 2, 2017