„Бункер“ го објави графичкиот роман „Вавилон Берлин“, за кој во Германија се сними и популарна серија

Фото: Бункер

Криминалистичкиот роман на Фолкер Кучер, за којшто во Германија се снимија дури четири сезони од истоимената популарна серија, во земјава доби своја верзија во вид на графички роман (стрип-книга) на македонски јазик. Автор на графичкиот роман „Вавилон Берлин“ е Арне Јиш, додека издавач на македонски јазик е „Бункер“.

Сценариото во графичкиот роман на Јиш е малку поразлично од сценариото на романот на Кучер врз чија основа е снимена серијата. Всушност, стрипот е адаптација на криминалистичкиот роман на Фолкер Кучер.

Приказната се случува во Берлин во 1929 година во време на политички превирања, кога младиот и амбициозен инспектор Рат истражува убиство, но наидува на отпор од сите страни. Наскоро, тој ќе биде вовлечен во мрежа на измама и корупција и потрага по руско злато.

Стрип-книгата на македонски јазик обработува криминалистичката сторија со многу пресврти, но читателите можат да се запознаат и со многу дополнителни информации за историскиот период во кој е сместена Германија пред доаѓањето на Адолф Хитлер на власт во земјата.

Инаку, телевизиската серија „Вавилон Берлин“ доживеа голема популарност откако беше објавена првата сезона во 2017 година, но и рекорден буџет за нејзиното снимање во Германија. Последната, четврта сезона од „Вавилон Берлин“ се снимаше во 2021 година, а очекувањата се истата да се емитува во текот на 2022 година.

Првичните две сезони од серијата имаа по 8 епизоди, додека третата сезона се состоеше од 12 епизоди.