Амбасадорот на Бугарија во Северна Македонија, Ангел Ангелов | Фото: МНР на Северна Македонија

Амбасадорот на Бугарија во Македонија, Ангел Ангелов, при денешниот престој во Штип кажа дека не знае дали Игор Спасов, кој се бара за доиздржување на казната затвор за убиство, има бугарско државјанство. Амбасадорот потврди дека почната е постпката за негова екстрадиција, но предупреди дека ќе треба време.

„Како што знаете, покрај тоа што се вклучени министерствата за внатрешни работи, тука се и министерствата за правосудство и за надворешни работи, неколку институции и судот. Така што кога ќе завршат сите процедури, јас не можам да знам. Тоа е една сложена процедура, која бара неколку месеци“, изјави амбасадорот Ангелов.

Македонското Министерство за правда вчера ги испрати документите со кои побара екстрадиција на Игор Спасов, кој на втори февруари беше приведен од полицијата во Софија. Некогашниот припадник на специјалните единици Спасов беше пријавен за семејно насилство од жената со која живеел во Софија. Спасов им побегна на македонските власти и по него е распишана меѓународна потерница.

Инаку, при денешната посета на Штип, градоначалникот Сашко Николов му предложил на бугарскиот амбасадор Ангелов во функција на зближувањето, во штипските училишта факултативно да се изучува бугарскиот јазик.

„Во духод на доборсоседството, во духот на комуникацијата дури дадов предлог до амбасадорот дека немам ништо против во нашите училишта факултативно да се изучува бугарскиот јазик, бидејќи секој јазик, кој е познат и е присутен и претставува основна комуникација и е мост за зближување меѓу двата народа“, рече градоначалникот Николов.

На средбата како што беше кажано, било разговарано околу прекуграничната соработка, економските и културните врски, за инвестиции, идни проекти и зближување со општините со кои соработува Штип.