Министерството за правда побара екстрадиција на Игор Спасов

Министерството за правда побара екстрадиција на Игор Спасов, кој бугарската полиција го уапси во Софија минатата недела.

„Во текот на вчерашниот ден, по комплетирањето на документацијата, барањето е испратено до бугарските власти кои понатаму ќе постапуваат по истото. Барањето за екстрадиција го потпиша министерот за правда Бојан Маричиќ“ велат од Министерството за правда.

Спасов беше уапсен во софиската населба „Младост“ на 2 февруари, а бугарската полиција го нашла по претходна дојава. Според информации од Бугарското национално радио „Хоризонт“, Спасов не се спротивставил на апсењето.

Уапсениот поранешен специјалец на МВР Игор Спасов има затвроска пресуда од 14 години за убиство за убиството на Мартин Нешкоски за време на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје на 5 јуни 2011 година. Тој од октомври 2019 година не е достапен на органите на прогонот откако не се врати во затворот „Идризово“ на доиздржување на затворската казна. Спасов досега има отслужено шест години затвор.