Бројот на жртви од големите пожари во Турција се искачи на осум

Photo by Matt Palmer on Unsplash

Бројот на жртви од големите пожари што беснеат во јужна Турција вчера се искачи на осум, соопштија властите.

И вчера се вршеа евакуации, вклучително и на туристи, а голем број жители беа приморани да ги напуштат своите домови.

За време на викендот, туристите, персоналот на хотелите и локалното население мораа да бидат евакуирани од популарните дестинации Бодрум и Мармарис преку морето, а во акцијата учествуваа и сопственици на приватни бродови. Неколку блокови од Бодрум се евакуирани вчера, откако силните ветришта го придвижиле пожарот кон нив.

Јужна Турција е зафатена од најлошиот бран шумски пожари во последнава деценија, а според официјалните статистики, досега изгореле 95.000 хектари вегетација.

Двете најнови жртви на пожарите се откриени во градот Манавгат во провинцијата Анталија. Тие загинале во куќа што била зафатена од пожар.

Од избувнувањето на најновиот бран пожари во средата досега, 864 луѓе биле лекувани од последици од пожарите.

Досега во Турција 111 пожари се ставени под контрола, а пет пожари се уште неконтролирано се шират во Анталија и во Мугла. Температурите и понатаму се екстремно високи.