fbpx

„Бранковистите“ порачуваат: Поважно од СДСМ е обединувањето на народот!

-

Пораката на поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски, дадена во синоќешното интервју на телевизија „Телма“, во која тој инсистира на обединување во редовите на најголемата опозициска партија, предизвика голем интерес во јавноста, на социјалните мрежи, но и меѓу некогашните негови први соработници, кои сега, главно, се надвор од активностите на опозицијата.

Емилијан Станковиќ, Јани Макрадули, Гордан Георгиев и Ана Павлова-Данева ќе се појават на големиот минтинг, иако велат дека немаат никакви контакти со матичната партија.

Имено, на прашањето каква е ситуацијата со обединувањето на СДСМ и односите со актуелното раководство на оваа партија, Црвенковски рече:

„Посакувам, искрено, раководството на СДСМ, бидејќи сега имаат огромни задачи, да ја искористи можноста за обединување на СДСМ, да организира широко народно движење, да се надминат себеси дека ако биде срушен режимот на Груевски дека СДСМ ќе дојде на власт. Треба да се спремаме сите, а тие се најповикани да влезат со осмислена стратегија.“

Ова, можеби, е единствениот потврден одговор на досегашните роморења дека, сепак, опозицискиот СДСМ не е единствен во своите редови. Тоа разногласие почна веднаш откако Зоран Заев ја презеде раководната улога во партијата и ги исклучи од партиските активности луѓето што беа пратеници во неколку состави и важеа за блиски луѓе на Црвенковски. Денеска тие луѓе се далеку од јавноста и се повлечени од секојдневните политички текови. Дел од нив, со кои контактираше новинската агенција „Мета“, не сакаа да коментираат за случувањата во СДСМ, а дел се надеваат дека тие разлики ќе бидат надминати за заедничкиот итерес за уривање на власта на Никола Груевски. Сепак, сите се едногласни во едно, а тоа е дека на 17 мај ќе присуствуваат на најавениот протестен митинг на СДСМ.

Емилијан Станковиќ, поранешен пратеник и во еден период портпарол на партијата, вели дека фактот што во изминатиов период со „бомбите“ на опозицијата е разобличено владењето на Груевски, неопходно е обединување на сите сили во Македонија.

– Неопходно е СДСМ да иницира единство на сите сили, без разлика на различните мислења. Сега тие мислења се второстепени. Се надевам дека партијата ќе најде сила да се обедини за да се урне режимот на Груевски – вели Станковиќ.

Пратеникот со најмногу денови поминати во Собранието на Република Македонија од сите досегашни пратеници на СДСМ, Јани Макрадули, не сака да дава изјави барем до сабота, кога му завршува апанажата од една година. Тој, сепак, вели дека ќе присуствува на протестот што го организира партијата и се надева дека единството на 17 мај ќе биде поголемо отколку тоа што тој го видел на „Фејсбук“ по синоќешното интервју на Црвенковски.

Поранешниот претседател на СДСМ, Гордан Георгиев, истакнува дека тој со своето семејство и со пријатели секогаш присуствувал на сите митинзи на партијата.

– Не гледам суштинска причина да се разговара за обединувањето на партијата кога пред две години новото раководство на мирен начин го презеде раководењето. Ова е второстепено прашање и покрај различните концепти околу водењето на партијата. Сепак, обединувањето ќе биде клучно за масовноста на митингот на 17 мај. Важно за митингот е да излезат сите граѓани кои се незадоволни од владеењето во земјава. Само така овој митинг ќе биде успешен – вели Георгиев.

Ана Павлова-Данева, поранешна членка на СДСМ во времето на Црвенковски, вели дека битно е обединувањето на целата опозиција и на сите граѓани што се против оваа власт.

– Во државата може да се најдат и членови и симпатизери на партијата кои не се согласуваат со раководството на СДСМ, но тоа не е битно за формирање фронт против актуелната власт. Секако дека е важно обединувањето на СДСМ, ама уште поважно е обединувањето на сите кои ѝ мислат добро на оваа земја. Исто така, не се согласувам со тоа дека масовноста на протестот на 17 мај е најважна работа. Поважно од тоа е континуитетот – истакна Данева.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...