fbpx

Боркица, кучето што ги помести границите на хуманоста: Од воден асфалт до удобен кревет во Британија

Од улично куче во скопската населба Бутел и беспомошно лежење на водениот асфалт, маалскиот миленик Боркица, и покрај својот хендикеп најде свој дом во Велика Британија, со помош на голем број хумани луѓе

-

Беше 30 август 2022 година кога во Скопје се случи големо невреме, а улиците беа преплавени од дожд и од град. Луѓе по улици речиси воопшто и да немаше, а тие ретките што во моментот се нашле затекнати од дождот во населбата Бутел, се соочиле со стравотна глетка – како комбе влече куче со задните тркала по булеварот. Фотографии од раскрвареното куче, за кое подоцна се испостави дека станува збор за маалскиот миленик Боркица, ги преплавија социјалните мрежи и се бараше помош од граѓаните за да се однесе до најблиската ветеринарна станица.

Пораката што кружеше на социјалните мрежи за помош на повреденото кутре / Фото: Фејсбук

Мали биле надежите на активистите дека кучето ќе преживее, со оглед на повредите што ги имало. На Боркица ѝ беа ампутирани двете предни нозе, таа поминуваше месеци и месеци во ветеринарна амбуланта, а за нејзината судбина јавноста речиси и да заборави, сè до вчера, кога на социјалните мрежи беа објавени нови фотографии.

Боркица во новиот дом во Англија / Фото: Здружение „Кане Корзо“

Кучето кое пред повеќе од половина година лежеше беспомошно на дождот, сега е вдомено кај хумана девојка во Велика Британија.

Боркица сама се избори за она што сега го има

Повеќе луѓе се потрудија Боркица да преживее и да има свој дом. Меѓу нив е и Марија Јанакиевска од здружението „Кане Корзо“ која ги презеде обврските околу нејзиното лекување и притоа не се откажуваше од намерата Боркица да има квалитетен живот, и покрај својот хендикеп.

Фото: Лична архива

„Знам само дека дента имаше страшно невреме, град и дожд не прекинуваше. Ја видов објавата во Фејсбук и Ивана, наша активистка, веднаш тргна накај местото, му се јави на Ивица, ветеринарот од Вет-Тим, кој веднаш ја отвори ординацијата. Едната нога, поради повредите, ѝ беше ампутирана веднаш. За другата нога, рековме дека ќе почекавме, но таа разви инфекција и мораше да се врши втора ампутација. Кучето беше во бунило, не знаеше што му се случува, но дозволуваше и да ја погалиме и да ја нахраниме, што беше чудно за куче со таква траума. Не знаевме што да правиме со куче без две предни нозе. Пробувавме да ја прошетаме со градник, но таа не се поместуваше. Во ветеринарната амбуланта „Вет Тим“, каде што беше три месеци, направија сè возможно и невозможно за Боркица, ја лекуваа, ја хранеа, ја изнесуваа на раце три пати во текот на денот“, раскажува Јанакиевска за Мета.мк.

За Боркица да може повторно да оди, морало да се нарача специјална количка од САД, направена според мерка, за кучиња со инвалидитет. Тоа и било сторено, а во меѓувреме, таа самата научила да се движи само со задните нозе и да биде независна.

„За мене тоа беше приказ како треба волјата за живот да изгледа. Боркица сама се избори за сето она што сега го има“, вели Јанакиевска.

Хуманоста на дело

Во меѓувреме, на помош доаѓа Маја Анчевска, активистка која веќе има едно куче со хендикеп. Таа решава да ја згрижи Боркица во својот дом.

„Ја следев ситуацијата на Боркица, а овие одлуки секогаш доаѓаат спонтано и интуитивно, срцето зборува. Таа беше во одлични раце и грижа, а моја задача и обврска како фостер беше да ѝ ја вратам довербата во животот, да научи да биде дел од семејство, да се социјализира и да биде чекор поблиску до нов дом. Имам комплетна доверба во „Кане Корзо“ како здружение, па оттука никогаш не се сомневав дека вдомувањето на Боркица ќе им биде приоритет број еден и дека сето ова ќе биде уште една успешна приказна“, вели Анчевска.

Боркица во меѓувреме, а со помош на своето помагало, веќе успеала сама да си влезе во лифт, да оди со околувратник, па дури и да оди на гости.

„Таа е ретко интелегентно кутре – човек! Обожава храна, сака да биде надвор, да биде меѓу пријатели, сака да има удобен кревет за да може да спие на грб. Едноставно, благодарно кутре“, вели Анчевска. 

Во однос на грижата, таа објаснува дека Боркица како кутре без две предни нозе, ѝ открило сосема нови перспективи поврзани со овој хендикеп.

Фото: Лична архива

„Би го изоставила физичкиот дел како обврска и нега, најголем фокус кај овие кутриња е емотивниот дел (градење на релација, доверба, љубов која никогаш претходно не ја почувствувале, искоренување на стравови кои постојат). Драго ми е што и ова искуство е дел од моето портфолио на научени нови работи. Јас доста читам, се едуцирам, но за жал ја немам потребната опрема и професионална едукација кои навистина премногу чинат за да можам сè ова да го продлабочам во професионално искуство“, вели Анчевска. 

„Баравме некој што ќе успее да погледа подалеку од хендикепот и успеавме“

Боркица конечно била објавена за вдомување и за неа пристигнале дури четири апликации.

„Баравме некој што ќе успее да погледа подалеку од хендикепот и успеавме. Ја објавивме и добивме 4-5 апликации за вдомување. Нормално, ја одбравме најдобрата. Ја вдоми девојка што живее во кампус и предава на истиот универзитет, а работи со диви животни. Таа веќе чува три мачки со хендикеп и 3 кучиња кои биле фрлени. Станува збор за апсолутно хумана и посветена девојка и за мене е херој“, раскажува Јанакиевска.

Боркица вчера пристигна во новиот дом и според фотографиите и според видеата, таа е веќе целосно „одомаќинета“ во новата средина.

„Приказната за Боркица е приказна за секое едно куче кое се обидува да преживее на овие простори. Секое едно моли по улиците, секое едно е стуткано во првиот ќош, криејќи се од громовите, секое едно ја преживува суровоста на улицата, секојдневно. Ганди рекол, големината на едно општество може да се мери по начинот на кој се третираат животните. Мора да прифатиме, дека на оваа планета не сме сами, а како постојано да забораваме на тоа“, вели Јанакиевска.

Активистката Маја Анчевска додава дека приказната за Боркица поместува граници што значи љубов, грижа, истрајност, тимска работа, колку всушност значи еден живот, не помалку вреден од нашиот.

„Ми беше чест и задоволство да бидам дел од ова патување на Боркица и ѝ посакувам да ужива во остатокот од нејзиниот живот, затоа што го заслужи тоа“, вели таа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израелскиот премиер Нетанјаху вели дека нападот на Рафа ќе се случи со или без договор

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе започне воена инвазија на градот Рафа во јужниот дел на Газа без оглед на преговорите за примирје со Хамас, пишува Би-би-си. Oва...