Дебата за млади „Дигитализација во образованието“ ќе се одржи на 16 март во „Јавна соба“

Наредниот четврток, на 16 март, со почеток од 18 часот, во „Јавна соба“ во Скопје ќе се одржи дебатата за млади „Дигитализација во образованието“, во организација на Фондацијата Метаморфозис.

На настанот ќе се зборува за можностите и предизвиците што ги носи дигитализацијата на образованието и за тоа дали и колку образовниот систем во земјава е подготвен за дигитална трансформација.

Говорници на настанот ќе бидат Христина Спасевска, проректорка за настава на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), Анисија Угриновска од Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС), Славчо Темелковски од Универзитетското студентско собрание на УКИМ и претставник на Министерството за образование и наука (МОН).

Какви електронски алатки и услуги се користат во средно, а какви во високото образование? Дали наставниците, учениците, но и родителите воопшто се подготвени за дигитална трансформација на образованието? Има ли државата стратегија и кои се најголемите предизвици со кои се соочува системот кога во прашање е дигитализирање на образовните услуги и програми, се дел од прашањата на кои ќе се обидеме да дадеме одговор на дебатата.

Настанот е од отворен тип и на него се очекува да присуствуваат млади лица. Сите заинтересирани млади може да го пополнат формуларот за регистрација достапен на овој линк.

Настанот е организиран од Фондација Метаморфозис во синергија со проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA” кој е кофинансиран од Европската Унија, и проектот „Веродостојни вести за оспособена младина“ финансиран од Британската амбасада во Скопје.